Заврши парадата во Москва – учествуваа 11.500 војници


Рускиот претседател Владимир Путин денес одржи говор на „најголемата досега“ воена парада во Москва по повод Денот на победата, со кој се одбележа 80-годишнината од победата над нацистичка Германија во Втората светска војна.

Русија го слави Денот на победата повеќе од три години по почетокот на инвазијата на Украина, која ја напаѓа секојдневно и покрај напорите на американскиот претседател Доналд Трамп да ја прекине војната. Путин нареди тридневен прекин на огнот во Украина поради настанот. Но нападите продолжуваат.

На парадата учествуваа околу 11.500 војници

Пред авионите да прелетаат над Црвениот плоштад, на парадата учествуваа бројни единици на руската армија, како и некои странски армии.

По оклопните возила и беспилотните летала, гостите можеа да гледаат прелет на дел од руската флота на авиони над Москва.

По ова, беше презентирана воена опрема, поточно, тенкови Т-72Б3М, Т-80БВМ, Т-90М и други оклопни возила, ракетни системи С-400, повеќекратни ракетни системи „Торнадо-С“, мобилни ракетни системи Јарс, камиони „Камаз“ со беспилотни летала „Геран“ и „Лансет“.

На овогодинешната Парада на победата на Црвениот плоштад присуствуваат повеќе од 20 светски лидери, меѓу кои кинескиот претседател Си Џинпинг, венецуелскиот претседател Николас Мадуро, бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва и словачкиот премиер Роберто Фицо. Меѓу нив е и српскиот претседател Александар Вучиќ, а на парадата е и претседателот на Република Српска Милорад Додик. Од Македонија пак, на парадата во Москва беше лидерот на Левица, Димитар Апасиев.

Воената парада во Москва заврши

На крајот од парадата, Путин се прошета пред трибините каде што седеа гостите и се ракуваше со воените команданти.

По парадата, светските лидери положија цвеќе на гробот на непознатиот војник.