Затворено писмо до Мицкоски


ЕРОЛ РИЗАОВ

 

Со што лично си ѝ помогнал на оваа кутра земја за да знаеме дека твоето отворено писмо не е обичен партиски памфлет со кој сакаш на беден начин да им се додвориш на луѓето кои ги жртвуваат своите животи

 

Твоето отворено писмо пишувано како писмена работа за ученици  во четврто оделение заслужува една голема единица како бандера, со напомена од учителката: Христијан Мицкоски си ја промашил темата.

Твојата грижа за лекарите, сестрите и медицинските работници по повод Денот на здравјето е невидено лицемерие. Пак тропаш на отворена врата, се лигавиш да ушиќариш некој партиски поен оти сѐ што допревте згрешивте. За да пишуваш отворено писмо до здравствените работници, адресирано до јавноста, треба да имаш квалификатив во името и презимето за тоа да го правиш. Кога ти си направил некој хуман потег кој е познат во јавноста? Кога нешто си донирал или си се заземал за здравствените работници, или јавно си застанал во нивна одбрана. Со што лично си ѝ помогнал на оваа кутра земја за да знаеме дека твоето отворено писмо не е обичен партиски памфлет со кој сакаш на беден начин да се додвориш на луѓето кои ги жртвуваат своите животи. Уште ли не дозна дека вистината е најмоќното оружје во борба против корона вирусот, или тебе воопшто не ти е гајле за вистината.

Велиш, во твоето отворено писмо нема политика. Пак пласираш по илјадити пат лажна вест. Целото писмо, освен неколку   куртуазни и лицемерни реченици, е саде политика. Провидна лоша пропаганда на себепромовирање и лажно претставување како хуманист и човек загрижен за здравјето на здравствените работници. Пред неколку дена изрече опасна лага која да ја беше кажал некој сериозен човек ќе предизвикаше паника. Рече јавно на телевизија дека имало уште 100 тестови за корона вирусот, помалку за еден ден!? Дали воопшто си помислил колкава штета им нанесе и на граѓаните и на мединцинските работници на целата организација на јавното здравство и на техничката влада во војна со корона вирусот со една таква безобѕирна и би рекол монструозна лага во вонредна состојба.

Тоа ли е твојата грижа за медицинските работници да им испратиш стампедо од здрави луѓе да се тестираат и да бидат изложени на зараза, да не зборуваме за стресот што го предизвикува ваквата подла партиска предизборна активност кога нема избори.  Веќе ти напишав да изречеше ваква ујдурма кај твојот пријател во Будимпешта Виктор Орбан истата вечер ќе беше осуден на пет години затвор. Не ќе можеше да те спаси ни азилантот Никола Груевски.

Велиш, ти и ВМРО-ДПМНЕ ќе предложите поголеми плати за здравствените работници, ќе обезбедите подобри услови за нивната работа. Аууу…  до вчера, што се вели,  во парламентот бевте против зголемување на платите. Арно ти текна да кажеш нешто вакво по поминати 17 години на власт на ВМРО-ДПМНЕ  од Денот на независноста. Имаше некоја смисла да се проголта  да кажеше – длабоко се извинуваме што како влада, која 11 години без прекин неприкосновено и неконтролирано владееше со земјата, исто како што не обрнаа внимание и вашите политички противници кога беа на власт, поради што во изминатите 30 години останаа најзапоставени и здравството и образованието што сега се покажа колку ни недостасува.

Навистина овие денови вчудовидувачки е што не сте успеале сосема да го уништите здравството кое го курдисале генерациите пред вас, па и во ваква светска пандемија со скудни ресурси по цена на животи успева да постигне извонредни резултати, кои ти не ги признаваш и ги негираш само затоа што ти пречи поддршката на мнозинство на граѓаните за тоа што се постигнува со натчовечки напори.

Да речеше нешто во тој стил некако фаќа дикиш. Вака редиш само празни флоскули колку да бидеш присутен во јавноста божем нешто работиш, освен што пишуваш отворени и отровни  писма и држиш конференции за медиумите со твоите секојдневни  популистички предлози за кои не понесуваш никаква одговорност.

Сѐ што кажа излажа во овие најтешки денови од поновата историја на Македонија во војната со невидливиот непријател. Изигруваш хуманист и продаваш солидарност за политички поени, а уште истиот ден пристигнуваат деманти од сите страни за твоите генијални идеји. Кажа и остана жив со небулозата дека има тестови само за еден ден, а има уште 4.500 и плус 2.000 кои се веќе во испорака. Бараш масовно тестирање, а Македонија е во врвот на регионот по бројот на направени тестови. Манипулираш со Светската здравствена организација, од каде стаса толкување лично од шефицата на СЗО од канцеларијата во Скопје дека ова највисока меѓународна институција не ги препорачува брзите тестови, туку се потпира на тие што ги практикува македонското јавно здравство како најверодостојни и кои се одвиваат според правилата на СЗО. Тоа не значи дека граѓаните не можат се тестираат во приватните клиники, но мора да бидат предупредени на разликите и на ризикот дека се можни заблуди и грешки.

Изигруваш голем хуманист и се самопромовираш во спасител обезбедувајќи помош за Македонија од Словенија и од Унгарија. Од Словенија стаса учтив и дипломатски одговор дека тоа е помош од државата Словенија за Македонија во рамките на механизмот за европска помош. Требаше да се договорите со министерот Чулев за кого е наменета таа помош. Ти велиш за медицинските работници, а тој вели за полицијата. Нејсе, за кого и да е, таа е за Македонија за што сме сите благодарни. Ама да се партизира и политизира помошта е голема срамота. И помошта од Унгарија е добредојдена, но и таа ја партизираш. Добро е што унгарскиот министер кој стаса во Македонија се сретна со сите кои по протоколот на државата треба да се види и разговара. Со тоа е избгната приватна и партиска промоција. И тоа е еден вид демант кој знае да го разбере.

Еве еден предлог како да ја покажеш својата хуманост кога веќе толку си еволуирал од тврдокорен и робусен политичар во хуманист. Бркни малку во сопствениот џеб и донирај од парите за една хидроцентрала што ги продаде. Тоа би бил навистина хуман гест и признание за жртвите на здравствените работници. Примерот може да го следи и твојата патриотска и револуционерна партија. Откажете се од парите од буџетот и донирајте ги за здравството и здравствените работници. Можете уште еден поголем чекор да направите. Белата палата на ВМРО- ДПМНЕ, изградена под сомнителни околности, дајте ја за карантин. Македонија ќе ви биде благодарна ако ти и партискиот врв околу тебе останете неколку месеци во самоизолација на еден кат од ова здание направено без алал.

Предлагаш чудотворени  економски мерки за спасување на стопанството со милијарди евра кредити и со маѓионичарски трикови на префрлање пари од еден во друг пенизиски фонд по примерот на  Естонија и балтичките земји. И од таму ти стаса експресен демант дека предметот е пред тамошниот Врховен суд и дека воопшто не се работи за времена национализација на парите на граѓаните.

Велиш ти се гади од тоа што во СЈО примаат плата притоа алудираш на специјалните јавни обвинители. И тоа не е точно. Тие се веќе распоредени во редовното јавно обвителство и ја работат својата работа. А плата во СЈО земаат по словото на законот другите вработени и технички служби. Знам, гадењето ти е затоа што предметите на СЈО заедно со јавните обвинители не можат да се избришат, освен ако ВМРО-ДПМНЕ не дојде на власт, па да си нарача ослободителни пресуди за извршителите на големиот грабеж што го направивте во ерата на груевизмот. Ако тебе ти се гади дали знаеш на колку луѓе им се повраќа од злоделата што ги сторивте за време на тиранијата.

 

П.С. Ти препорачувам да го отвориш побргу и третото писмо што ти ги остави во касата на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. Првите две ги прочитавме, те прочитавме и тебе. Во третото писмо што е уште затворено пишува ако нема резултат од двете отворени писма веднаш поднеси си оставка. Тоа ви е партиска традиција. Првиот претседател и основач на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Георгиевски, го избришавте од партиската историја како да не постоел, го оцрнивте и го прогнавте во политичка изолација. Вториот претседател, Никола Груевски, кој дојде по негова препорака, како осуденик и обвинет за повеќе злодела избега од земјата. Третиот претседател на партија по негова препорака си ти. Ако поднесеш навреме оставка ќе ја избегнеш нивната судбина. Тоа пак ќе биде долгата рака на ВМРО-ДПМНЕ. Никој друг. Каменот паѓа од блиску.