Започна кампањата „Одбери стручно средно што е вредно“


Министерството за образование и наука од денеска почнува кампања за промоција на средното стручно образование како вистински избор и одлука кое во голема мера го детерминира понатамошниот личен и професионален успех на младите. Слоганот на кампањата „Одбери стручно-Средно што е вредно“, подразбира избор на стручно образование кое им нуди поголема веројатност за брза транзиција од образование до работа, како и добра основа за оние ќе одлучат да продолжат да се надградуваат на некој факултет по завршување на средното училиште, посочи министерот Арбер Адеми денеска, означувајќи го почетокот на кампањата во Средното електро-техничко училиште „Михајло Пупин“.

Кампањата, како што информира Адеми, има две основни компоненти: едната е информирање на учениците од аспект на можностите што ги нуди средното стручно образование, како стекнување стручни квалификации и употребливо знаење, полесен пристап до работно место и слично, а втората компонента има промотивен карактер, односно претставување на сите струки и образовни профили што ги нудат средните стручни училишта на територијата на нашата земја.

– Ќе се обидеме да разбиеме одредени митови што без факти се формирани и подолг временски период опстојуваат и се пренесуваат од генерации на генерации, а ја намалуваат популарноста и интересот за упис во средните стручни училишта. На пример митот дека стручните работници работат на помалку платени работни места, потоа условите во стручните училишта не се на соодветно ниво, не се стекнуваат потребните знаења, нема иднина со стредно стручно образование и слично. Се работи за апсолутно неточни, наследени фрази меѓу граѓаните кои мора конечно да се искоренат, односно да се побијат со факти, вели Адеми.

Министерот додаде дека анализата за потребата од вештини на пазарот на работна сила што е изготвена за потребите на агенцијата за вработување, покажува дека од околу 3.000 испитани компании, дури 1.880 се изјасниле дека во наредниот период од шест до 12 месеци ќе реализираат 18.500 вработувања, од нив речиси 10.800 работни места или околу 58 проценти ќе бидат наменети за лица со средно образование и тоа најмногу стручно, а околу 1400 за лица со високо образование исто така стручно.

Оперативниот директор на Стопанската комора, Анета Трајковска вели дека неминовна и неодложна е потребата за создавање стручен кадар, што ќе може да помогне на реалниот сектор да создаде дополнителна, додадена вредност, пред се на производите, што како клучен фактор би ја повлекле економијата во соодветен раст и развој.

– Ученикот со избор на соодветно стручно образование добива можност за избор на занимање што претставува негова инвестиција во својата иднина, инвестиција во занимање е дефицитарно и побарувано од бизџнисот, инвестиција во занимање кое не само што е барано во нашата држава, туку е барано во целата ЕУ и пошироко, вели Трајковска.

Директорот на СЕТУ „Михајло Пупин“, Димитар Ѓорѓиев информира дека во училиштето има паралелка „20-20-20“, што е формирана во соработка со ЕВН Македонија и следната година, вели, ќе бидат изведени првите обучени кадри што ќе бидат вработени во оваа компанија со почетна плата од 20.000 денари.