Западот бара од Кина да застане зад суверенитетот на Украина

Во разговорите со неговите колеги од ЕУ, со францускиот и со британскиот, кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји посочил дека Пекинг не стои зад руската војна, иако дипломатите предупредуваат дека тоа ќе се види според реакцијата на Кина во ОН.
Во разговор со француски функционер за украинската криза Ванг рекол дека е „неопходно да се намалат тензиите, да се избегне ескалација и да се стави крај на цивилните жртви со продолжување на преговорите“, се вели во соопштението на француското претседателство.
Ванг очигледно разговарал за ситуацијата со Емануел Бон, дипломатскиот советник на претседателот Емануел Макрон. Кинескиот претставник „ја повторил важноста од почитување на интегритетот и територијалниот суверенитет на сите држави, вклучително и на Украина“, и „ја поздравил акцијата на Франција во корист на дијалогот меѓу Украина и Русија“.
Шефот на британската дипломатија Лиз Трас и шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел,имале иста порака до Ванг: дека ако Кина сериозно го почитува суверенитетот, нека го покаже тоа.
„Како постојана членка на Советот за безбедност на ОН, очекуваме Кина да се залага за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“, напиша Трас во твитот.
Зборувајќи за медиумите, Борел рече: „Разговарав со кинескиот министер утрово. Барав од него да го искористи нивното влијание… Го барав кинеското влијание со цел да се испочитува суверенитетот и територијалниот интегритет на секоја земја, вклучително и на Украина“.Тој додаде дека тоа бил „многу конструктивен разговор со мојот добар пријател“, мислејќи на Ванг.