Законот за високо образование оди во владина процедура: Постигнат договор за Хиршовиот индекс
Министерството за образование и наука (МОН) ги заокружи преговорите за новиот закон за високото образование. Последната средба на оваа тема, министерката Весна Јаневска ја оствари со коалицискиот партнер „Вреди“, со што се отвори патот законот утре да биде проследен во владина процедура.
Министерката Јаневска информираше дека биле разгледани шест точки, од кои пет биле веќе усогласени во текот на претходните дискусии, додека за последната – Хиршовиот индекс (h-index), било најдено конечно решение. Овој индекс, кој се користи за мерење на продуктивноста и влијанието на научните публикации, предизвика дебата за тоа дали треба да биде примарен критериум за академско напредување.
„Имавме шест точки кои ги дискутиравме и со сите шест се усогласивме и утре законот оди во владина процедура. Пет од точките и порано беа дискутирани, затоа што ова беше континуиран процес, и тие веќе воопшто не беа спорни. Последната точка за која дискутиравме беше Хиршовиот индекс, за кој, исто така, најдовме решение – тој да не биде основен елеменет како критериум за избор, туку да влезе во додатните елементи во критериум за избор. Во тој случај, кога двајца професори ќе имаат идентични бодови пресуден да биде Хиршовиот индекс. Тоа сега е прифатено“, појасни министерката Јаневска.
Оваа измена значи дека Хиршовиот индекс нема да биде дефинирачки фактор при избор и напредување, туку ќе послужи како механизам за одлучување во случај на изедначени кандидати.