Законот за игри на среќа не помина во Собрание – фалеа 10 гласови


 

Законот за игри на среќа, со кој требаше казината да се оддалечат на 500 метри од училиштата не го помина второт собраниско гласање откако не беше потпишан од претседателот Стево Пендаровски. За овој закон да биде усвоен требаше апсолутно мнозинство од 61 пратеник, а за него гласаа само 51, односно фалеа дури 10 гласови.

Законот со месеци предизвикуваше реакции во земјата, а беше вратен од претседателот  Пендаровски, кој побара да помине низ јавна расправа место да се прифати по скратена постапка со европско знаме. Асоцијација на приредувачи на игри на среќа тврдеше дека донесувањето на овој закон ќе остави илјадници граѓани без работа оти ќе бидат затворени речиси сите казина и обложувалници низ Скопје.

„Имајќи ја предвид Одлуката од Уставниот суд У.бр. 115/2019 од 14.05.2020 година, според која за да биде усвоен законот потребни се најмалку 61 глас ЗА, при одлучувањето за Законот за игри на среќа и забавни игри, на 145. седница, законот доби поддршка од 51 глас ЗА, со што не се исполнети условите за законот да биде усвоен и со тоа завршува процедурата по тој закон“, велат од Собранието.

Од разврската незадоволни останаа од ДУИ. Тие прстот го вперија кон Пендаровски, но и кон  опозициските пратеници. Од партијата остануваат на ставот дека Пендаровски со непотпишувањето на указот направил, голема грешка. 

„Паднаа сите маски, се престроивме сите вчера – кој го штити интересот на граѓаните, а кој ги штити интересите на казината“, рече Арбер Адеми – пратеник на ДУИ.

Од друга страна, од Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа денеска истакнаа дека се спасени илјадници работни места.

„Мнозинството пратеници останаа доследни на ставот дека нема да дозволат злоупотреба на ЕУ знамето за законски измени кои немаат никаква врска со хармонизација со европското законодавство. Истовремено, сакаме да искажеме благодарност на официјалните претставници на ЕУ кои доблесно укажаа дека нема да премолчат злоупотреби“, рекоа од Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа.

Тие најавија дека се подготвени да понудат предлози како да се унапреди целата индустрија – по европски терк. 

„Како сектор кој се грижи за 10 илјади директно вработени и одржување на уште 54 илјади други работни места сметаме дека треба да бидеме рамноправен партнер во креирањето на иднината и законите што ја регулираат оваа област. Во таа насока, остануваме и понатаму конструктивни и очекуваме дека со вклучување на АСОМ,  Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) и сите други релевантни експерти и пошироката јавност во јавните дебати за потребите од носење на ново законско решение ќе придонесеме за подобро регулирање на оваа важна економска гранка од која зависат голем број на семејства во државата.

Како сериозна организација низ годините докажавме дека имаме капацитет и понудивме многу предлози како да се унапреди целата индустрија по европски терк. Со нашиот стручен тим ќе продолжиме да нудиме решенија коишто ќе се темелат на европски искуства и коишто ќе се грижат и за играчите и за индустријата.

Сакаме да потсетиме дека нашата дејност не поттикнува млади да играат игри на среќа, туку постојано работиме на нивна заштита. Истовремено, како општествено одговорни компании, годишно вложуваме десетици илјади евра за спроведување на кампањи за едукација на играчите, а воедно 100% ги почитуваме актуелните законски норми и правила поврзани со нашата дејност, плаќаме даноци и со тоа постојано ги зголемуваме буџетските приливи“, стои во нивната реакција.

Доколку беше изгласан објектите за игри на среќа ќе требаше да се оддалечат повеќе од 500 метри од основните и средните училишта.

„Ја правиме најголемата грешка. Очекував од целото општество да биде на страната на носењето на овој закон. Ова требаше да биде прв чекор кон системско решение. Сите пратеници треба да сносат политичка и морална одговорност“, рече Арбр Адеми од ДУИ.

Законот не го поддржаа ниту пратеници кои се дел од владејачкото мнозинство и коалициони партнери на ДУИ.

Со 48 издадени лиценци на компании за отворање на казина обложувалници и апарат-клубови, Северна Македонија стана земја во која речиси и да нема улица во сите градови на која не можете да најдете ваков објект. Казината, кладилниците не само што се отвораат на секој чекор, туку и масовно се рекламираат. Но, носењето на законот беше пропратено со големи политички и лоби притисоци и со обвинувања дека зад наводното оддалечување на обложувалниците стои намерата на ДУИ да влезе во овој бизнис.