Захариева го споредува Тито со Хитлер, шири невистини за Македонија


Бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева во своето најново интервју за германски „Ди Велт“ вели дека во Скопје повеќе не е популарна откако реагирала против прославата на 40-годишнината од смртта на југословенскиот лидер Јосип Броз Тито.

„Тоа покажува недостаток на плурализам. Кон мене беа прилично брутални кога се осмелив да го искажам своето неразбирање затоа што ја славеа четириесетгодишнината од смртта на еден од најмрачните диктатори – Тито. За помалку од десет години тој убил речиси 1,7 милиони луѓе во поранешна Југославија. А тие таму го слават него. Градоначалникот на Скопје е партиски другар на Заев. Потоа таму веќе не бев толку популарна. Ама тоа е исто како градоначалникот на Берлин да дојде на идеја да го слави денот на смртта на Хитлер“, вели вицепремиерката.

Според нејзините информации, од 1 септември до 20 ноември биле избројани „14.699 негативни објави за Бугарија во македонските медиуми, и само четири неутрални, додека во Бугарија, во истиот период имало 450 позитивни извештаи за Северна Македонија во медиумите, како да Македонија ѝ ставила вето на Бугарија па очекува баланс или да им ја фалиме политиката кон нашата држава.

Генерално таа тврди дека Северна Македонија ја политизира работата работата на  мешовитата историска комисија (а реслно е обратно), ги блокира развојот на Коридорот 8 и бугарските инвестиции во земјата (а бизнисмените велат друго) и лаже дека Бугарија ѝ го негира идентитетот и јазикот на Македонија (наедно бара да прифатиме бугарско потекло на едното и другото).

На прашањето на новинарот дали е точно дека Бугарија опстојува на ставот дека македонскиот не е самостоен јазик, туку дијалект на бугарскиот, Захариева го дава следниот одговор:

„Најтешка тема се неточните обвинувања што се слушаат подолго време дека им го негираме правото на самоопределување на Македонците. Или правото да го нарекуваат нивниот јазик како што сакаат. Но, земјите не признаваат јазици или нации, туку само други држави“, вели Захариева.

Ваквите обвинувања од Скопје таа ги толкува како обид „да се портретира Бугарија како земја која останала во не знам кој век. Се согласувам (со вицепремиерот Никола Димитров – н.з.) дека секоја нација има право на самоопределување. Но не се согласувам со тврдењето дека ние им го негираме тоа право. Тоа не е точно. Се разбира дека звучи ужасно доколку една земја ѝ го негира правото на самоопределување на која било друга земја. Но, спротивното е точно. Во изминатите десет години 88.450 северномакедонци добија бугарско државјанство врз основа на нивното потекло. Тие се бугарски и европски државјани. Тие имаат право на самоопределување. Но секој, кој денес во Република Северна Македонија се дефинира како граѓанин со бугарски корени, таму и понатаму се дискриминира. Пред околу две недели некои групи ги објавија личните податоци и адресите на овие луѓе, во некои случаи дури им се закануваа дека ќе ги обесат“, вели Захариева за „Велт“, во реторика што личи за маалска чешма, а не за интервју на министерка. 

На забелешката дека Бугарија го разгорува конфликтот со соседот заради внатрешно-политичките проблеми, Захариева ја префрла одговорноста на другата страна и вели дека „блокадата нема ништо заедничко со протестите (во нејзината земја – н.з)“.

„Можам истото да го кажам и за другата страна, но тоа е политички чувствително. Веќе два месеци слушаме од сите, што нема да сторат. Јас повеќе пати им предложив, ајде тогаш да се концентрираме на работи кои сакате да ги сторите, а не на оние кои не сакате да ги прифатите. Не правете толку врева, не давајте по десет пати дневно интервјуа за сите медиуми. Ајде да се обидеме да ги смириме емоциите. Државите признаваат други држави, а не јазици. Ајде да се концентрираме на преговорачката рамка и, ако сакате, да изработиме еден билатерален протокол како дополнение на Договорот. Се надевам, кога ќе се смират емоциите од двете страни, ќе водиме конструктивна дискусија“, вели Захариева, која самата нон стоп дава интервјуа.