ВМРО-ДПМНЕ ги очекува и гласовите од Левица и ЗНАМ за вториот круг


Тимчо Муцунски

 

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, денеска изјави дека очекуваат голем број од граѓаните кои гласаа за Максим Димитривски од ЗНАМ и Билјана Ванковска од Левица ќе дадат поддршка за Гордана Силјановска-Давкова бидејќи тие веќе гласале против Стево Пендаровски, што значи биле на опозицсиката страна.

„Тие што вчера гласале и за Максим Димитриевски и за Билјана Ванковска имале опција вчера да гласаат и за Стево Пендаровски, тие одлучиле да не ја искористат таа опција и јасно се определиле за двајца кандидати кои беа крајно критички кон оваа власт и кои имаат очигледно опозициско дејствување. По логиката на нештата сакам да верувам дека тие граѓани ќе дадат поддршка за Силјановска-Давкова, но тоа е сепак нивно демократско право, тие можат да го изразат како што сакаат“.

Според него, „чера се случи почетокот на крајот на власта на СДС и ДУИ. Граѓаните дадоа жолт картон на корумпираната власт, и црвен картон на политичките партии кои донесоа понижувања, национален срам и порази. Вчера се случи политичко цунами, кое ќе финализира на 8 мај со уште поголема победа за ВМРО-ДПМНЕ и испраќање на СДС и ДУИ во опозиција“, рече Муцунски на прес-конференција.

На новинарско прашање дали е можна соработка со ДУИ и принципот на двете партии за коалицирање на победник со победник, Муцунски истакна дека ДУИ први го прекршиле тој принцип и оти со нив како опозиција ќе имаат функционален дијалог во Собранието и институциите.