Цело Скопје сега е под доминација на ВМРО-ДПМНЕ

Успехот на Силјановска-Давкова против Пендаровски во осумте скопски општини е неверојатен: 117 илјади наспроти 42 илјади. Дури и Центар се сврте кон ВМРО-ДПМНЕ


Фото: Б. Грданоски

 

Една од причините за големиот, дури и неочекуван успех на Гордана Силјановска-Давкова во првиот круг на претседателските избори и лошиот резултат на Стево Пендаровски е гласањето во Скопје. Бидејќи ова пред сѐ беше кампања на ВМРО-ДПМНЕ против СДСМ резултатот од средата е таков што вмровските гласови ги преплавија сите општини без исклучок. Некаде победата е огромна, некаде умерена.

Во осум скопски општини – Аеродром, Кисела Вода, Центар, Гази Баба, Карпош, Бутел, Чаир и Шуто Оризари –  Силјановска-Давкова, а фактички ВМРО-ДПМНЕ, доби 117.184 гласови, додека Стево Пендаровски скромни 42.742. Овој резултат во Скопје за СДСМ и за Стево Пендаровски е полош од генералниот на државно ниво. Според пребројаните 99 тсто од гласовите Гордана Силјановска-Давкова има 362.682, а Стево Пендаровски 180.306. Во проценти тоа изнесува 40,08 наспроти 19,93.

Но разликата во Скопје меѓу двата кандидати е поголема. Ако на државно ниво таа е 2 спрема 1, на ниво на Скопје таа е 3 спрема 1. На локалните избори 2021 се врати доминацијата на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје, но сега метрополата е целосно „вмровски град“.

Резултатите од некои општини треба да поттикнат значително преиспитување на работата на општинските организации на СДСМ и во централата, како, на пример, победата на Силјановска-Давкова во Аеродром 21.945 наспроти 8.950 за Пендаровски. Во Кисела Вода поразот на Пендаровски и на СДСМ е уште подраматичен – 18.183 наспроти 6.205.

Дури и традиционалниот бастион во последниве десетина години, општината Центар на првиот круг од претседателските избори премина во рацете на ВМРО-ДПМНЕ: Силјановска-Давкова освои 10.490, а Пендаровски 8.537.

Гордана Силјановска-Давкова направи неверојатна разлика од 3,8:1 во Гази Баба (во бројки 18.125 на 4.782), а има 5.300 гласови повеќе во Карпош.

Можеби не е сосема соодветно за споредба, но сегашниот резултат на СДСМ е многу полош од оној на локалните избори во 2021. Без оглед што ВМРО-ДПМНЕ тогаш доби многу повеќе градоначалници (најголемиот дел во вториот круг) бројот на гласовите за советничките листи не беше со драматична разлика. Тогаш СДСМ на државно ниво освои 237 илјади, а ВМРО-ДПМНЕ 290 илјади гласови, или во проценти 31,23 наспроти 25,52. Во Скопје, СДСМ освои повеќе гласови за советници во Центар и Карпош, а разликата не беше толку голема во Аеродром или Кисела Вода. А вкупната бројка на вмровски гласови за советници во овие осум општини беше 67.358, додека за СДСМ 45.924. За две и пол години Силјановска-Давкова речиси ги удвои овие гласови.

Што се случи за овие две и пол години од локалните избори – дали тоа беше само францускиот предлог, дали нефункционалната коалиција со ДУИ, дали корупцијата, дали економската криза – во СДСМ треба да направат прилично добра анализа. Зголемувањето на платите и на пензиите, обезбедувањето на евтина струја, поголемата помош на социјално загрозените, помошта за малите и средните бизниси за време на пандемијата и на војната во Украина, изгледа дека кај граѓанството не играше пресудна улога. Ниту зацртаната цел – Европската унија.

Во исто време, посебна анализа, не само во СДСМ, туку и во други партии (најмногу во Левица) треба да се направи како штотуку основаниот политички субјект ЗНАМ на Максим Димитриевски преку него како претседателски кандидат доби огромни 21.338 гласови во осумте скопски општини. Точно половина од гласовите што ги доби Стево Пендаровски. Во некои општини (Аеродром и Карпош) Димитриевски е особено успешен. Тоа значи дека кумановскиот градоначалник кој политичката кариера ја почна со конфликтот во сопствената партија (СДСМ) сериозно ја проширува својата база во Скопје. Секако, најмногу на штета на СДСМ. (Н.В.)