Захариева ги брои негативните изјави од Македонија (Видео)

Министерката за надворешни работи Екатерина Захариева ги брои сите негативни изјави што се објавуваат во Македонија, за да ги убеди тие во ЕУ дека кај нас системски се поттикнува говорот на омраза кон Бугарија и дека тоа е силен аргумент да ја блокира Македонија. Според неа бугарските услови кон Македонија не се сменети со години и се чуди зошто во земјава не разбираат и во јавноста ги дочекуваат како да се нови.


„Мислам и верувам дека Договорот за добрососедство од  2017 година, ако се исполнува со добра волја и совесно и ако не се бараат начини за заобиколување на неговите точки, ги има сите гаранции да се решат отворените прашања. За жал тоа не го гледаме некое време и неколкупати сигнализиравме за тоа и зборувавме со колегите од СРМ. Само последните месеци имаше повеќе од десет илјади негативни публикации со говор на омраза кон Бугарија, што ги сметаме за говор на омраза кон Бугарија и тие не треба да продолжат. Бугарија била и ќе биде една од државите кои ќе ги поддржуваат земјите од Западен балкан, но и тие треба да имаат своја одговорност и да се насочат кон реформи. Не треба во ЕУ да бидат пренесени проблеми од надвор. Му благодарам на Хајко Мас и неговиот тим што се обидуваат да помогнат, но ние како земји треба со добра волја да ги движиме отворените прашања напред за да други министри по 30 години не го доживуваат тоа што го доживуваме ние“, рече Захариева.

Таа децидно одговори дека се подготвени во Софија да ја преземат одговорноста за блокадата на Македонија и евентуалните странски влијание во неа потоа.

Германија се надева дека ќе има разбирање меѓу Северна Македонија и Бугарија што ќе ги задоволи двете земји. Ако не, процесот на проширување ќе се соочи со тешкотии, порача германскиот шеф на дипломатијата Хајко Мас на заедничката прес-конференција со министрите на Македонија и Бугарија, Бујар Османи и Екатерина Захариева, во рамките на Берлинскиот процес. Тој смета дека кога една земја има отворен проблем со земја членка треба да разговара за тоа и да најде решение.  Затоа, според него, била формирана Комисијата за историски прашања.

„Во смисла на продолжување на процесот за интегрирање на Северна Македонија и Албанија во ЕУ морам да забележам дека кандидатот не треба да има нерешени прашања од каков било вид, било да се политички прашања или некакви историски настани во регионот. Таа земја ќе мора да разговара со земјата-членка со која има проблем и ќе мора да најдат решение. Формирањето на Мешовитата македонско-бугарска комисија на историчари имаше задача да го реши тоа и се надевам дека ќе биде најдено решение на ова билатерално прашања, бидејќи колку подолго овие проблеми опстојуваат ќе биде тешко да се организира процесот на проширување и меѓувладината конференција“,изјави Мас.

Запрашан дали барањето за бугарските корени на македонски јазик ќе ги ревидира фундаментите на ЕУ, во смисла тоа да биде услов за проширување и дали Германија ќе го смета за личен неуспех непочнувањето преговори со ЕУ, Мас одговори дека во  ЕУ има 27 земји, една од нив е Бугарија, така што нејзините интереси треба да се земат предвид, како и интересите на другите земји членки. Затоа, рече тој, ова прашање треба да се реши само меѓу двете земји, дека Германија помага, но не може да донесеме одлуки место нив.

Министерот Османи изрази надеж дека ќе биде послушан повикот за разум за надминување на отворените прашања меѓу двете земји.

„Нашиот фокус во овој период и во рамки на регионалната соработка, на Берлинскиот процес и во рамки на билатералните односи е да продолжиме да го почитуваме Договорот и инструментите на Договорот, кои јасно предвидуваат дека историјата ќе биде оставена на историчарите, на академиците и тие треба да најдат заеднички точки што ќе не спојат, за да ни обезбедат иднина на сите граѓани“, рече министерот  Османи.

Според него, правата што произлегуваат од самоопределување се суверени права на државите и не се прашања што се регулираат во билатералните односи бидејќи државите сами одлучуваат какво ќе биде внатрешното уредување и кои ќе бидат нивните идентитетски атрибути. Потенцира дека треба да се држиме до рамката и до инструментите од Договорот за добрососедство, што определи создавање комисија со цел да се најдат заеднички точки на одбележување на историски настани и личности.

– Веруваме силно дека преговарачкиот процес не е само чист бирократски процес, туку процес што се води од универзалните вредности и принципи на ЕУ, а тие се заедничката иднина, за сметка на заедничкото минато и оттука сметам дека доколку овие овие принципи не би постоеле во ЕУ, ЕУ денеска не би постоела, изјави Османи.

Тој оцени дека Договорот за добрососедство е одлична рамка за надминување на разликите што постојат помеѓу двете држави во однос на сите прашања. Смета дека продолжувањето на имплемантацијата на договорот со добра волја и со фокус на заедничката иднина на двете држави е единственото решение.

– Јас сум оптимист дека сите сме свсни за влогот и за последиците од неуспех и за нас и за нашите внатрешни процеси и за значењето и улогата на Р Бугарија во враќањето на европската агенда на регионот, но и за предвидливоста и кредибилноста на ЕУ во регионот, рече тој и додаде дека Договорот за добрососедство претставуваше пресвртница во нашите односи, рече Османи. (Н.В.)