Левица го омекнува ставот кон ЕУ, бара од владата да изготви стратегија, а не изолационизам

Партијата ги повикува премиерот и министерот за надворешни работи да кажат што мислат за за предлогот на Мерц и бара парламентарна расправа пред самитот на ЕУ и Западен Балкан


Лидерот на Левица, Димитар Апасиев (Фото: Б. Грданоски)

 

Чекор по чекор Левица изгледа го менува својот тврдокорен став кон ЕУ и бара од владата да каже што мисли да прави со интеграцијата во Унијата и особено за предлогот на германскиот канцелар Фридих Мерц за придружно членство на Украина, а за Западен Балкан иновативни решенија. Додека другите земји на овој или оној начин се изјаснија македонската влада молчи за овој нон-пејпер на Мерц и Левица бара од Министерството за надворешни работи да каже кој е ставот на владата. Левица во реакцијата не ги споменува барањата на Христијан Мицкоски и Тимчо Муцунски Софија да исполни некои од пресудите на Судот во Стразбур во однос на македонското малцинство во Бугарија, ниту тоа да биде услов за спроведување на уставните измени.

 Од Левица велат дека во услови кога се отвораат суштински прашања за идниот европски статус на Македонија, институционалното молчење остава впечаток на политичка пасивност и недостиг од државна стратегија во еден исклучително чувствителен дипломатски момент.

Според нив, станува изразито очигледен и изолационистичиот курс на Владата на ВМРО-ДПМНЕ која на ваквите предлози на високи челници на ЕУ воопшто нема никаков официјален одговор отворајќи сомнеж во искреноста на нејзините намери и тоа првенствено поради помиреноста со статус-квото во кое Македонија останува периферна и секундарна структура во рамките на европскиот економски конгломерат, притоа целосно обезличена и лишена од секаков вид достоинство и меѓународна почит.

„Нон-пејпер форматот по својата природа остава простор за противпредлози, преговарачки позиции и активна дипломатска комуникација. Отсуството на таков пристап претставува пропуштена можност државата да ги артикулира своите интереси и да обезбеди рамноправен третман во процесот на европска интеграција“, велат од партијата.

Левица бара Министерството за надворешни работи итно да објави официјален став за предложениот модел, како и да иницира изработка на сопствен дипломатски документ со јасно дефинирани барања: правно обврзувачка пристапна патека, безбедносни гаранции и заштита од идентитетски условувања. Истовремено, неопходно е отворање парламентарна расправа пред претстојниот Самит на ЕУ, со цел јавноста и институциите транспарентно да дебатираат за надворешно политичкиот курс на државата.

Левица, потенцираат од партијата, останува на ставот дека Македонија мора да настапува како рамноправен политички субјект, со јасна стратегија и активна дипломатија, а не како пасивен набљудувач на процеси што директно ја определуваат нејзината иднина.

„Во период кога се носат важни одлуки за регионот и европската архитектура, државните институции имаат обврска да покажат политичка одговорност, транспарентност и доследност во заштитата на националните интереси“.