„Кртот“ во кабинетот на Сиљановска работел и за Иванов и Пендаровски
Компјутерскиот техничар кој е осомничен за аферата во претседателскиот кабинет која како можен шпионски случај го истражува Обвинителството всушност бил пензионер кога било пријавено дека копира фајлови од компјутер во кабинетот. За Телма ова го потврдиле два извори запознаени со проблематиката.
Осомничениот бил припадник на елитната армиска специјална единица „Волци“ каде бил подофицер надлежен за врски и комуникации во единицата. Бил преземен од кабинетот во времето кога аѓунтант на тогашниот претседател Ѓорге Иванов беше генералот Васко Ѓурчиновски.
Осомничениот ја вршел истата функција и во кабинетот на Стево Пендаровски, а продолжил и во третиот за него кабинет – актуелниот на Силјановска-Давкова. На работа одел во кабинетот како надворешен соработник, а работното место му било во армиските специјалци каде се добива и бенефициран стаж. Поради тоа заминал во пензија, но бидејќи не можело да се добие одобрување од Министерство за финансии за ново вработување, осомничениот продолжил и како пензионер да го опслужува кабинетот на претседателката.
Но, на 24 ноември лани, пензионираниот ИТ службеник предизвикал инцидент кој бил пријавен еден месец подоцна во МВР по што е отворена истрагата. Информатичкиот инцидент е откриен од друг компјутерски техничар во кабинетот, по што на сега осомничениот веднаш му е прекинат договорот, а во рамки на истрагата е осомничено лице со кое обвинителството и МВР се сретнале за време на активностите.
Телма ги провери јавно достапните податоци за лицето кое сега е пензиониран специјалец и во нив има податоци дека со два телефони земал со месеци максимални износи за поврат на ДДВ како граѓанин кој скенира фискални сметки и лани добил субвенции од 150 евра преку Агенција за финансиска помош во земјоделието.
Во време на Пендаровски, како надворешен соработник добивал надомест од 50 илјади денари месечно. Но, обвинителството сега истражува дали пензионерот-информатичар вршел шпионски активности во кабинетот откако беше откриен случајот.
Истрагата чека податоци од МВР веќе два месеци за обработка на одземените компјутери и телефони, МВР соопшти дека работи најбрзо што може, а Претседателката Силјановска пак рече дека кабинетот нема електронски систем за класифицирани податоци и компјутерски да се изнесат класифицирани информации добиени од други институции.Во интервју за 360 степени министерот за внатрешни работи Панче Тошкоски рече дека истрагат била тајна и затоа не излегле се уште со документи.
Одговарајќи на прашањето за известувањето од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) за непостапување, односно доцнење во постапувањето од МВР во предистрагата за шпионажа од вработени во кабинетот на претседателката на државата, Тошковски нагласи дека е навистина изненаден од начинот на кој се споделуваат одредени информации во јавноста.Тошковски потенцира дека предистрагата е постапка што подразбира тајност, а за временската оска, односно дека постапувањето е по пријава на една од организациските едници во МВР од ноември минатата година, посочи дека реално станува збор за период од два месеци, кој е прекраток за соодветните дејствија што треба да бидат процесуирани од МВР.
„Видете, ова второво што го потенциравте, пак, е посебно сомнително. Зошто? Заради тоа што ние говориме овде за период од три месеци, како што кажува Обвинителството, односно период од два месеци, како што е согласно последната наредба што е дадена, период кој е, слободно можам да кажам, прекраток за соодветните дејствија што треба да бидат процесуирани од МВР…Прво, пак ќе повторам, не ми е јасно зошто јавното обвинителство во овој случај оди со такви детали во јавноста. Во оваа фаза од постапката. Тоа не ми е јасно. Второ, она што јас го кажав, а е во согласност со сето она што сме го работеле во минатото, е дека станува збор за еден прекраток временски период што воопшто не е невообичаен за постапување од страна на МВР. Трето, МВР не е курирска служба па да земе и да донесе нешто до Обвинителството, за тоа веројатно има поштари итн. Веројатно треба да изврши одредени анализи, треба да ја сработи суштински работата што треба да ја сработи по наредба на оној што е „Dominus Litis“, нели, оној што е главен согласно одредбите од Законот за кривична постапка. А главен е обвинителот“, рече Тошковски.
На прашањето дали ги имаат копиите од видеонадзорот, министерот истакна дека нема да навлегува во детали што се поврзани со предистражна постапка заради тоа што смета дека истите не треба да бидат споделувани во јавноста во овој момент.
-Ќе дојде време кога сите детали ќе бидат споделени во јавноста – нагласи Тошковски, а на прашањето дали можеби МВР штити некого, потенцира дека тезата е сосема обратна.
Прашан дали има индиции за протекување доверливи информации од кабинетот на шефот на државата кон странски служби, Тошковски повтори дека се работи за предистражна постапка.
„Во овој момент, почитувајќи ги сите оние постапки што претходно сум ги споделувал со јавноста во оваа фаза, почитувајќи го принципот на комуникација што е согласно закон, не би можел да споделам повеќе детали во јавноста. Но, можам да кажам, кога ќе се разобличат сите факти потребни за јавноста, тогаш можеби ќе се даде одговор на прашањето што вака отвора многу интересни одговори од аспект на внесување во одредена приказна, од страна на одредени високопозиционирани обвинители во рамки на обвинителскиот систем во Македонија, во насока на подгревање тези што би требало да го доведат под прашање работењето на МВР, работењето на оваа влада итн., сѐ со цел одредени големи предмети што беа отворени од МВР во изминатиот период, да не ја видат правдата на крајот од денот. И почнавме да гледаме дел од она коешто вака искрено можам да кажам не верував првенствено дека има такво сценарио. А, инаку, се збореше подолго време во јавноста дека ќе се атакува со одредена сила на МВР. Зошто – не знам. Ќе каже времето“, нагласи тој.
На прашањето дали може да каже кога МВР ќе му одговори на Обвинителството, Тошковски рече дека тоа ќе се случи за брзо време.
„Еве, јас ви ветувам дека за брзо време ќе има информации, детални за јавноста, кога ќе се овозможат услови за истите да бидат споделени со јавноста. И дури тогаш како клучно прашање ќе се постави зошто токму сега, токму од истиот обвинител, токму за несфатливи обвинувања од аспект на два месеци траела истрагата, па предистрагата од аспект на анализа, па предистраги од аспект на анализа траат и по две години и по шест години итн., не траат по два месеци“, потенцира тој.