Загадувачите, покрај казната, ќе треба да ја надоместат и сторената штета


Соочени со бројните долгогодишни предизвици на животната средина во време на пандемија се фокусиравме на воведување на политики кои ќе обезбедат подобра имплементација на еколошките стандарди и заштита на нашата околина, но и преземавме конкретни мерки за обезбедување на правото на здрава животна средина на секој граѓанин. Но, морам да укажам дека борбата со загадувањето е една заедничка борба за сите – на граѓаните, на приватниот сектор и на институциите, рече министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини на прес-конференцијата на која го презентираше она што Министерството го сработило во првите 100 дена од формирањето на Владата.

Ние, додаде тој, како надлежен орган за водење на политиките во областа на животната средина и климата се грижиме за координација и учество на сите чинители во овие процеси, а истовремено се грижиме и за исполнување на обврските на сите учесници во општеството, на централната и на локалната власт, на економските субјекти и на поединците.

-Јас верувам дека сме на добар пат. И доколку овие политики се поддржат, се применат и се контролираат од сите чинители во нашата земја како на институционално, колективно, така и на индивидуално ниво постепено ќе бидеме во можност да ги видиме резултатите. Потребно е многу малку невнимание за деградирање на животната средина, а многу време и посветеност за истата да ја вратиме во живот. Апелирам и повикувам за вклученост и придонес на сите во борбата со загадувачите, во заложбите на институциите и во остварување на целите за одржлив развој. Зелениот развој е возможен само едноставно бара одговорност од сите, рече Нуредини.

Тој информира дека до Собранието се поднесени измени на девет закони од областа на животна средина во кои воведовме повисоки казни до цели 20 пати за загадувачите, а секој кој ќе направи прекршок од оваа сфера покрај казната ќе треба да ја надомести и сторената штета.

Изминатиот период се работело на конкретно подобрување на построги стандарди и тоа во три клучни области – рамковниот закон за животната средина, за воздухот и за отпадот. Во Собранието се предложени измени на Законот за животна средина со кои е воспоставува механизам за ремедијација на историското загадување и на жешките точки во земјата. Утврдена е методологија за идентификација на контаминираните подрачја со посебни конкретни посебни обврски за ремедијација и пропишана содржина во согласност со светските стандарди. Предложени се и измени на Законот за квалитет на амбиенталниот воздух со утврдени критериуми и донесување на листа на општини коишто ќе мораат да изготват планови за чист воздух за своите граѓани.

-Во согласност со законодавството на ЕУ се пропиша и обврска за донесување на краткорочни акциски планови во периодите кога имаме високи концентрации на загадување на воздухот во одредени општини коишто ќе мора да бидат одобрени од Министерството и да содржат конкретни задолжителни мерки кои се во врска со транспортот, индустријата, со ранливите групи, работното време итн. Доколку општините не ги спроведуваат овие мерки Владата ќе може да предвиди стапување на сила на ваквите рестрикции и тоа не само како препораки, туку и во форма на наредби, рече Нуредини.

Од Владата до Собранието во најкус можен рок ќе бидат испратен сет од шест нови закони за управување со отпадот со кои целосно ќе се имплементираат принципите на циркуларна економија во утврдувањето со отпадот. Ќе се зајакнат, рече министерот, обврските на производителите и на колективните произведувачи како и општините за да го обезбедат потребното селектирање на отпадот. Воведена е хиерархија во постапувањето со отпадот, утврдување на статус на секундарните суровини и укинување на статусот на отпад за производи кои можат да се рекористат, да се рециклираат и да се преработуваат со цел да не завршуваат на депониите. Исто така, воведена е и финансиска одговорност за производителите на пакување, батерии и акумулатори за електричен и електронски отпад, како и сосема нови текови на отпад за искористените возила, потоа отпадните масла, отпадот од гума и оној од текстил. Предвидена е и забрана за пластични кеси, еколошки дизајн на пакувањата и можности за ослободување и стимулација на повратна амбалажа.

Според Нуредини, освен на законите, како Министерство работеле и на планските и на стратешките политики и бил изработен Националниот план за управување со отпад на РСМ за периодот 2020-2030 година. Изработена е и нова методологија за изработка на просторни планови како подготвителна активност за изработка на новиот просторен план за нашата држава на кој веќе се работи.

Во врска со климатските заложби комплетирана е првата работна верзија на Нацрт-законот за климатска акција кој наскоро ќе започне да се разгледува со пошироки консултации од работните групи, а до Владата доставен е и трет двегодишен извештај за климатските промени и ревидиран национален утврден придонес кон Договорот од Париз со зголемена амбиција при што ние како држава ќе се обврземе за едно намалување од 51 процент на стакленичките гасови и тоа до 2030 година.

Тој потсети дека во првите 100 дена е прогласено ново заштитно подрачје во државата – Осоговските планини, со што, како што рече, обележавме значаен придонес во исполнувањето на АИЧИ целите на Конвенцијата за биолошка разновидност и на препораките на ЕУ за директивите за живеалишта и птици.

-Освен тоа беше изготвен и завршен процесот на консултации со јавноста за објавување на нацрт-закон за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк. И покрај предизвиците коишто се испотавија поради пандемијата, експертскиот тим и секторите на министерствата направија обиди преку сите електронски канали за комуникација преку медиумски презентации, преку отворени телефони и низа на теренски активности и средби за да се обезбеди учеството во јавноста во креирањето на ваквиот предлог. Добивме коменти од многу заинтересирани и засегнати страни на терен коишто се разгледуваа. Имавме и дополнителни средби за добивање на финален предлог-закон којшто ќе ги обезбеди барањата пред се од локалното население, рече министерот Нуредини.

Тој информира дека Министерството почнало постапки за прогласување на уште нови заштитни подрачја по усвоените иницијативи од страна на Владата. Донесена е и одлука за прифатливоста на предлогот за прогласување на дел од Водно за едно заштитено подрачје во категоријата 5 – заштитен предел. Одлуката за прифатливоста на предлогот за прогласување на локалитетот Студеничишко блато за заштитно подрачје во категоријата парк на природата и поднесено е и апликациско досие за номинација на Охридското Езеро и Студеничко блато на листата на Рамсарската конвенција од страна на Владата. Започнат е  и процесот на вклучување на јавноста во донесување на планот за менаџирање со Охридското Езеро и во оваа насока за утре веќе е планирана првата консултативна средба во врска со студијата за ревалоризација на Охридското Езеро.

Министерот за животна средина истакна дека се поставени нови мониторинг станица, автоматска од државниот мониторинг систем за квалитет на амбиентниот воздух во Гевгелија, а извршена е и комплетна замена на мерните инструменти во станицата Битола 1 со едно дополнително опремување со инструмент за мерење на ПМ 25 честичките. Од буџетските средства заменети се 30 мерни инструменти, а дополнително се набавени и два нови инструменти за мерење на ПМ 25 честичките.

-Она што е од исклучителна важност за контрола на загадувањето на терен и во пракса ја завршивме имплементацијата на системот за квалитет кој го предвидува стандардот за акредитирана лабораторија. Моментално се одвива и проверка од Институтот за акредитација со што ние ќе добиеме акредитирана лабораторија за животна средина во нашата држава, рече Нуредини.

Во врска со чистењето на таканаречениот историски отпат Нуредини потсети дека во првите 100 дена безбедно бил завршен процесот на преточување на виналхлорид мономерот од ОХИС по што тој беше транспортиран и уништен во Германија. Исто така, рече, потпишан е и договор со избраниот понудувач за чистење на линданот од малата депонија во ОХИС и третман надвор од нашата држава.

Нуредини на прес-конференцијата информира и дека е започната ревалоризација на подрачјата и планови за управување на Охридското Езеро, на Преспанското Езеро и на останатите национални паркови како што се Пелистер, Маврово и Галичица. Започнавме со активности за донесување на нов просторен план на нашата држава.