МВР: Засилени контроли за брзината и викендов во рамки на европската акција на ROADPOL
Министерството за внатрешни работи информира дека и во текот на претстојниот викенд ќе продолжат засилените сообраќајни контроли за почитување на ограничувањата на брзината, во рамки на координираната европска акција на Европската мрежа на сообраќајни полиции – ROADPOL.
Како што соопшти МВР, во периодот од 3 до 9 август Секторот за сообраќајни работи спроведува интензивни контроли насочени кон откривање и санкционирање на возачи кои управуваат моторни возила со брзина поголема од дозволената.
Од Министерството посочуваат дека прекумерната брзина е една од најчестите причини за тешки сообраќајни незгоди со сериозни последици и оти секое пречекорување на ограничувањето го зголемува ризикот од сообраќајна несреќа и ја намалува можноста за навремена реакција.
МВР апелира до возачите да ја намалат брзината, да ја приспособат на условите на патот и да управуваат со возилата одговорно.
– Почитувањето на ограничувањата значи поголема безбедност за вас, за вашето семејство и за секој друг учесник во сообраќајот. Нашата цел е една – секој човек безбедно да стигне до својата дестинација. Намали брзина. Спаси живот – наведуваат од МВР.
Од Министерството потсетуваат дека акцијата е дел од меѓународните активности за зголемување на безбедноста во сообраќајот и намалување на бројот на жртви на патиштата.