Заев сакал да размисли пред да прави кадровски резови


Фото: Б. Грданоски

Енигматичното отсуство на премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, од инаугурацијата на Стево Пендаровски за претседател ја подгреа дополнително неизвесноста во владејачкиот табор. Во ситуација кога се шпекулира дека само неколкумина најблиски соработници на Заев ги знаат вистинските причини за неговото постизборно заминување на одмор, во политичките кулоари се лицитира дека премиерот можеби земал неколку слободни денови за добро да размисли на кои функционери треба да им се заблагодари за досегашната соработка, а кои евентуално да ги прераспредели на други позиции во извршната власт.

Заев, според луѓе од неговото опкружување, веќе имал претстава каде треба да се направат кадровски резови, ама сепак сметал дека му треба дополнително време за проценка. Во кругови на СДСМ се посочува дека смените, колку и да се длабински, ќе мора да се изведат внимателно, за да не се ризикува поотворен судир меѓу неколкуте струи во партијата кои низ различни диоптрии ги анализираат резултатите од неодамнешните претседателски избори и индивидуалниот придонес на секој член на партиското раководство во текот на кампањата, но и во изминатите две години од преземањето на власта.

Владата заседаваше денес во отсуство на премиерот, така што со седницата прво претседавал вицепремиерот Кочо Анѓушев, а потоа вицепремиерката Радмила Шекеринска. До доцна попладнето, според информациите, немаше одлука за одредени кадровски поместувања на функции за кои именувањата одат преку владиниот кабинет. Иако се најавуваат значителни промени во т.н. трет ешалон на власта, тој процес веројатно ќе почне од следната недела, односно од следната владина седница во вторник, а во следната фаза ќе се премине на реконструкција на владиниот кабинет, со оглед на тоа што од 1 јуни стапуваат на сила и законските измени со кои е предвидено згаснување на Секретаријатот за рамковниот договор и етаблирање на ново Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците. Тоа ќе значи заминување на Хазби Лика од тимот на Заев и именување нов министер, најверојатно од редовите на ДУИ.

Во меѓувреме, според информациите, треба да заседава централниот одбор на СДСМ за Заев, како лидер на партијата, да добие формално овластување за да ги спроведе кадровските промени, посебно за министри кои се од редовите на партијата. Што се однесува, пак, до функционерите од други партии, веројатно ќе има разговори со лидерите на помалите политички субјекти, додека средбата со Али Ахмети е од поодамна најавена, со оглед на тоа што ДУИ досега даваше најголем отпор кон најавеното „проветрување“. Централниот одбор треба да го закаже и конгресот на СДСМ за анализа на изборните резултати, кога и највисоките партиски органи – претседателот Заев, заменик-претседателската Шекеринска, централниот и надзорниот одбор треба да поминат низ тест на доверба. Потоа не се исклучени промени и на партиски функции за кои одлучува централниот одбор на партијата или партискиот лидер, како што се партиските секретари, потпретседатели, претседатели на општински организации.

Проценките се дека кадровската реформа во партијата, сепак, ќе биде работа со која Заев ќе се занимава во почетокот на летото, односно по Европскиот самит од каде што се чека одлука околу почетокот на преговорите на нашата земја со Унијата. Со оглед на тоа што конгресот треба да заседава во рок од два месеца од завршувањето на изборите, како последен, но и најверојатен термин за негово одржување се споменува 6 јули или евентуално крајот на јуни.

Александар Матовски – во тимот на Пендаровски?

Најавените кадровски промени, според информациите, ќе имаат влијание и при комплетирањето на тимот на новиот претседател. Во таа насока се и информациите за преминување на досегашниот владин портпарол Миле Бошњаковски во претседателскиот кабинет. Во тимот на Пендаровски, како што се најавува, Бошњаковски нема да биде портпарол ниту советник за односи со јавноста, туку ќе добие „повисока“ позиција. Бошњаковски се спомнува и како можен шеф на претседателскиот кабинет, односно генерален секретар, но прашање е дали тој ги исполнува критериумите за оваа позиција, што треба да ја извршува лице од раководна позиција во државната администрација.

Како можен шеф на кабинетот се спомнува и актуелниот државен секретар во МНР, Виктор Димовски, за кого, од друга страна, се зборува и дека би можел да биде прв директор на новата Агенција за национална безбедност, чие формирање е предвидено со реформските закони за безбедносниот сектор.

Пендаровски, во кусо интервју за Алсат, откри дека разговарал со успешни Македонци кои живеат и работат надвор од државата да му се придружат во тимот.

„Во мојот најтесен круг на луѓе во кабинетот можам да ангажирам од десет до 15 луѓе. Еве да откријам и дека разговарав со луѓе со референции кои се од земјава и работат во странство и можно е некои од нив да ми се придружат во кабинетот“, изјави Пендаровски.

Како еден од можните соработници на Пендаровски се спомнува Александар Матовски, кој повеќе години работи на универзитет во Америка.

„Пред сè, сакам да се потпрам на луѓе со лична биографија кои немаат директни партиски релации“, рече Пендаровски.(А.М.М.)