Заев ќе отстапи од премиерското столче, ама останува во политичкиот ринг


фото: Б.Грданоски

Кога во јуни минатата година го потпишуваа Преспанскиот договор, премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, беа свесни дека може да платат висока политичка цена за затворањето на речиси тридеценискиот спор меѓу двете земји. „Сметката“ на Ципрас стигна за наплата во јули годинава, кога Сириза замина во опозиција на предвремените парламентарни избори што се одржаа во Грција.
Во изминатите денови, Ципрас од позиција на лидер на Сириза силно лобираше и испраќаше пораки до меѓународните фактори дека Преспанскиот договор е доволно силен аргумент за нашата земја да ги почне преговорите за членство со ЕУ. Но, овие и сите други лобирања не ја разубедија Франција, така што Заев, уште невратен од Брисел, се соочи со барања за оставка и за предвремени избори, како и со повици од опозицискиот табор за поништување на Преспанскиот договор. Премиерот возврати со повик за брзи избори, кои, всушност, ќе значат прв директен тест за него, во ситуација кога и кај поддржувачи на Преспанскиот договор спласнува надежта за отворање на европските перспективи на државата, покрај очекуваното полноправно членство во НАТО.
Ако партиските лидери постигнаа брз договор за избори на 12 април, тогаш извесно е дека Заев ќе треба да отстапи од премиерското место, за да се формира техничка влада. Сепак, повлекувањето од премиерската функција, според проценки на високи партиски извори, нема да значи и повлекување на Заев од политиката, и покрај разочарувањето што и лично го доживеа во Брисел. Тој, како што се најавува, останува на чело на СДСМ, каде што има мандат како лидер до 2021 година. Од таа позиција ќе ја предводи, на политичко ниво, кампањата на владејачката партија на претстојните парламентарни избори. Не се исклучува ниту негова номинација како носител на листа на СДСМ во Првата изборна единица, а потоа и како можен мандатар за состав на новата влада, во зависност од резултатот од изборите.
И во своето обраќање во саботата, кога предложи брзи избори, Заев навести дека претендира на нов и, како што рече, чист мандат на чело на владата. Тој истакна дека нашата земја треба да остане на европскиот пат и дека верува оти Франција во иднина ќе го промени ставот.
-Нашиот народ е тој кој ни дава мандат и чест да го водиме и тој ќе одлучи сега дали продолжуваме по тој пат. Ако продолжуваме по тој пат, јас ги барам и честа и мандатот – цел и чист и отворен за да продолжиме на тој пат – рече Заев.
Пред вчерашната лидерска средба, премиерот се огласи преку социјалните мрежи, практично најавувајќи ги контурите на својата предизборна кампања:
-Сите ќе треба двојно повеќе да работиме, двојно повеќе да направиме. Да сме двојно подобри. Промените и реформите не ги носат една влада или 20 луѓе. Треба сите да се промениме, сите да се реформираме. Сите два милиони. За да немаме загадување, треба да престанеме да загадуваме. За да немаме корупција, треба да престанеме да нудиме и прифаќаме поткуп. За да не си одат младите, треба да отвораме уште повеќе работни места – напиша Заев.
Тој дојде на чело на СДСМ по локалните избори во 2013 година, односно набргу откако го почна третиот мандат како градоначалник на Струмица, но за малку не го доврши, затоа што во јуни 2017 година беше избран на чело на владата на СДСМ и на ДУИ. Влегувањето на Заев во владината зграда не беше воопшто лесна мисија, со оглед на сите опструкции за изборот на неговиот владин кабинет, преку оневозможување на изборот на Талат Џафери за претседател на парламентот, што на крајот се случи во „воинствена атмосфера“ на 27 април 2017 година во парламентот, од каде што и сегашниот премиер излезе со повреди на главата.
За разлика од локалните избори во октомври 2017 година, кои завршија со голем триумф на СДСМ, последните избори во земјава – претседателските во април и во мај годинава сигнализираа слаба мотивираност на гласачкото тело и топење на разликата меѓу владејачките партии и опозицијата. Сепак, анализите на СДСМ покажаа дека за тоа не придонеле Преспанскиот договор и донесувањето на уставните амандмани, туку лошите кадровски политики, повеќе случаи на непотизам и партизација на администрацијата и на сомнителни тендери и зделки. Нешто подоцна, додека Заев ја спроведуваше операцијата „Метла“ во извршната власт и во партијата, избувна скандалот „Рекет“, кој дополнително се одрази на позициите на актуелната владејачка гарнитура. (А.М.М.)

Кој ќе седне на премиерското место?

Во политички кругови веќе се споменуваат неколку имиња како можни нови членови или носители на други позиции во преодната влада. Сепак, тоа е сè уште во доменот на шпекулациите, а премиерот Заев најави синоќа консултации на оваа тема во партијата. Како можен технички премиер од поодамна се спомнува актуелниот вицепремиер и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски. Од вчера се врти и името на вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, која веќе се појави во два спота на СДСМ во кои зборува за последните случувања во Брисел и за неопходноста земјава да остане на европскиот пат. Шекеринска се спомнува како можна преодна премиерка, во контекст на очекуваното официјализирање на нашето членство во НАТО, но од друга страна како евентуална пречка се посочува тоа што таа има висока политичка функција во СДСМ, каде што е заменик-претседателка. Во игра е и генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски, кој синоќа го придружуваше Заев на лидерската средба. Но, проценките се дека Николовски се спомнува во контекст на претходното искуство со преодната влада, кога премиер стана тогашниот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ Емил Демитриев.
Во преодната влада, СДСМ ќе треба да постави дополнителни заменик-министри со право на вето во МВР и во Министерството за труд и социјална политика, каде што би можеле да бидат „ротирани“ досегашните министри во овие ресори. Но, ако Спасовски биде избран за технички премиер, тогаш социјалдемократите би барале друго име за дополнителен заменик-министер во полицијата. Министерските места во МВР и во Министерството за труд и социјална политика, пак, ќе ги преземе ВМРО-ДПМНЕ, која треба да постави и дополнителни заменик-министри во земјоделство, финансии и информатичко општество. Како можни министри или заменик-министри од ВМРО-ДПМНЕ се спомнуваат Александар Николоски, Трајко Славески, Тимчо Муцунски…