Заев: Жолтиот картон од УНЕСКО е аларм за сите


Премиерот Зоран Заев вели дека извештајот на УНЕСКО за Охрид треба да ги замисли сите во општеството, а не само владата или локалната власт.
 
„Свесни сме за жолтиот картон од УНЕСКО. Иако во јули може да има поинаква одлука, ние очекуваме Охрид да остане заштитен под УНЕСКО, но како наследство во опасност. Тоа е аларм за сите, прво за нас институциите, но пред сѐ и за граѓаните“ рече Заев во неговото гостување на телевизијата Клан.
 
Тој вели дека биле преземни многу чекори откако експертската група на УЕСКО којашто го подготви извештајот беше во Охрид во јануари 2020 година.
 
„Она што е значајно што од тогаш наваму секако се прекинати двата регионални патишта заради тоа што не беа предвидени согласно внимателноста и планот со управување со УНЕСКО. Дополнително е стопирана активноста на железничката пруга Кичево – Лин и се прави изместување на таа пруга, надвор од заштитниот коридор на УНЕСКО“, рече премиерот.
 
Тој додаде дека креирани се и посебни комитети со Албанија за координација и заштита на Охридското Езеро.
 
„Ние го делиме Охридското Езеро, а со тоа ја делиме одгворноста за неговата заштита. Во такви околности многу е важно граѓаните, стопанството, сите да сфатат, ако изгубиме статус на УНЕСКО ќе изгубиме сѐ што имаме во Охрид на што се гордееме. А тоа е туризмот, потенцијалите, секако развојот, живеачката на граѓаните, не смееме да дозволиме“, изјави Заев.
 
Тој додаде дека треба да се исфрлат од главите сите замисли за мегаломанство.
 
„Треба да си ги тргнеме од главата сите наши замисли за мегаломантсво како што постоеше барем до 2017 година во времето на Никола Груевски, кога се повкуваја Субрата Рој со големите мегаломански проекти, па се градеше се и сешто, се навлегуваше внатре во езерото, денеска сето тоа е минато“, кажа Заев.

Тој ја поздрави акцијата на отстранување на бесправните градби околу плажите од страна на Охрид, но жали што тоа сѐ уште не може да се направи во Струга и апелира до струшките локални власти да постапат на соодветен начин.