Заеднички концерт на воениот македонски и американски оркестар од Вермонт

Воениот оркестар од Армијата на Република Северна Македонија и воениот оркестар од Вермонт, САД, на плоштадот „Магнолија“ во Битола одржаа концерт на кој беа отсвирени популарни американски џез нумери и македонски шлагери.
Воените оркестри на двете сојузнички армии, во рамки на армиската соработка, настапија во Битола во пресрет на големата воена вежба што од понеделник ќе се одржува во земјава.
– Оваа активност претходи на една од најголемите, ако не и најголемата воена вежба, што ќе се реализира во текот на наредната недела, односно вежбата „Immediate Response 25” која е во дел од сетот големи вежби, а на која ќе учествуваат повеќе од 2.000 војници. Подготовките за вежбата што ќе почне во понеделник се завршени, пристигнуваат контингентите од сојузничките и дел од партнерски држави, а главнината на учесниците е нашиот пешадиски баталјон. На вежбата ќе учествуваат и војници од САД, Грција, Италија, Црна Гора…, а како земја партнер е Косово и за прв пат во улога на набљудувачи ќе имаме претставници од Бразил. Сакам да нагласам дека оваа ќе биде и прилично атрактивна вежба каде што ќе се изведуваат најразлични борбени постапки, а целта е да се зајакне сојузништвото, да се зајакнат одбранбените капацитети, армиите меѓусебе да вежбаат и секако ние како армија да го потврдиме одличниот армиски полигон Криволак како еден од најголемите во југоисточна Европа, но и како армија да ги подобриме нашите оперативни способности и борбената готовност, изјави за МИА, бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски, командант на Командата за операции во Армијата на РСМ.
Според заменик градоначалникот на Битола, Бојан Бојковски, реализацијата на заедничките концерти со оркестрите од сојузничките НАТО армии дополнително ги зајакнува врските меѓу сојузниците, како и цивилно-воената соработка.