За „Вреди“ иницијативата за оспорување на двојазичноста е обид за државен удар


 

Албанската коалиција во владата, „Вреди“ денеска оцени дека иницијативата на Левица за уставноста на Законот за употреба на јазиците е ибид за државен удар.

„Со оглед на фактот дека иницијативата доаѓа од анти НАТО партија која го глорифицира комунистичкиот режим на Енвер Хоџа, најмалку што очекуваме, е таа да се отфрли со констатација дека е обид за државен удар. Особено што станува збор за оспорување на процесот на стапување на сила на Законот за употреба на јазиците, без да навлегува во неговата содржина.

Доколку ваквата иницијатива евентуално се прифати, тогаш се отвора Пандорината кутија и за промената на уставното име, кое исто така е извршено без потпис на тогашниот претседател на Републиката, Ѓорге Иванов. Не сметаме дека Уставниот суд треба да придонесе евентуална ревизија на нашето полноправно членство во најмоќниот воено-политички сојуз, НАТО.

Нашиот став за балансерот е јасен и соопштен во неколку наврати. Овој механизам стана предмет на злоупотреба кога Македонци се изјаснуваа како Албанци за да се вработат во државна администрација. Затоа, сметаме дека е неопходно да се усвои закон за правична застапеност“, велат од „Вреди“.

Оттаму повторно ѝ забележуваат на ДУИ дека „на секоја кривина бараат причина за да креираат меѓуетнички тензии со единствена цел, да го спасат фамилијарниот криминал на Али Ахмети“.