Петар Ристески пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница на Комисијата за финансирање и буџет истакна дека ребалансот го отсликува „одговорното домаќинско и стратешко управување со државната каса“.
„Пред нас денес стои документ кој јасно го отсликува одговорното домаќинско и стратешко управување со државната каса. Овој предлог ребаланс на буџет за 2026 година не е обично прераспределување на бројки на хартија. Ова е економски манифест на една влада која знае да создава вредност, како да ги консолидира јавните финансии и како парите на граѓаните да ги врати назад кон граѓаните,“ кажа Ристески и додаде:
„Со години колегите од Социјалдемократскиот сојуз не убедуваат дека економијата ни е во развој, додека зад себе оставаа пустош, блокирани сметки и нереализирани проекти. Денес истите тие пратеници имаат доблест да критикуваат. Но, почитувани колеги од Социјалдемократскиот сојуз, за разлика од вашите минати празни флоскули, оваа влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ зборува со единствениот јазик кој е непобитен, јазикот на егзактните бројки и реалните факти“, нагласи Ристески.
Ристески потенцираше дека во првите пет месеци од 2026 година вкупните приходи изнесуваат 140 милијарди 162 милиони денари, што е за 5,7% повеќе во споредба со истиот период од минатата година.
„Со овој ребаланс вкупните приходи се ревидираат нагоре и се проектираат на ниво на 379,5 милијарди денари. Тоа е зголемување за цели 4,5 милијарди денари или раст од 1,2% во однос на првичниот буџет. И ќе се запрашате како стигнавме до ова? Не со притисоци, туку со системска борба против сивата економија и одговорна наплата. Во првите пет месеци од 2026 година вкупните приходи изнесуваат 140 милијарди 162 милиони денари, што е за 5,7% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Даночните приходи се повисоки за 4,69 милијарди денари или за 6,3%. Наплатата на ДДВ бележи енормен раст од 16,4%. Данокот на личен доход е зголемен за 11,7%, а данокот на добивка за 14,9%“, нагласи Ристески.
Ристески посочи дека месец јуни 2026 година е запишан како историски рекорден месец за наплатени царински давачки.
„За месец јуни 2026 година е запишан како историски рекорден месец за наплатени царински давачки. Во првите шест месеци од оваа година по основ на царини имаме инкасирано дури 50 милиони евра повеќе во однос на 2025-та година. Почитувана опозицијо, ова не се бројки на економија што стои во место. Ова се егзактни докази за економија што конечно се раздвижи и работи со полн капацитет“, кажа Ристески.

Ристески додаде дека парите сега не завршуваат во приватни џебови како во владеењето на СДСМ туку во капитални проекти.
„Капиталните инвестиции. Повеќе од очигледно е дека парите не завршуваат во приватни џебови туку во капитални проекти. Со овој ребаланс капиталните расходи се зголемуваат за огромни 4 милијарди 747 милиони денари повеќе. Ова е историско зголемување на средствата за капитални инвестиции за 14,5% во однос на иницијалниот буџет. Додека во ваше време почитувани колеги од Социјалдемократскиот сојуз капиталните инвестиции беа само мртво слово на хартија со мизерна реализација на крајот на годината“, истакна Ристески.
Ристески потенцира дека во овој момент во Република Македонија активно се реализираат 1.200 проекти во сите општини.
„Денес во овој момент во Република Македонија активно се реализираат 1.200 проекти во сите општини без разлика на политичката обоеност. Се градат шест автопати, се реконструираат училишта, болници, се градат градинки. Обезбедивме дополнителни 1,4 милијарди денари повеќе за земјоделски субвенции, со што вкупната сума достигнува од 8,7 милијарди денари за нашите земјоделци. Овој ребаланс има исклучително силна социјална компонента во која доминира грижата за граѓаните, раст на плати и раст на социјалната заштита“, порача Ристески.
Пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска, не беше уверена од бројките. Таа оцени дека Владата создава привид дека штеди, но во реалноста ги намалува средствата токму во програмите што треба да обезбедат развој, подобар живот и поддршка за граѓаните и стопанството. Тренчевска нагласи дека иако Владата тврди дека ги намалува непродуктивните трошоци, тоа е само дел од сликата, бидејќи истовремено растат други тековни расходи.
„Ребалансот има пари за поголем дефицит, но нема доволно пари за продуктивна економија, што покажува и ребалансот за непродуктивните расходи, во кои се вклучени патни и дневни расходи, договорни услуги, други тековни расходи, привремени вработувања, купување мебел и купување возила. Владата може да каже дека се намалуваат средствата за возила и мебел, но тоа е само дел од сликата. Возилата и мебелот навистина се намалуваат, но истовремено растат помалку транспарентните тековни ставки. Договорните услуги растат за 898 милиони денари, а другите тековни расходи растат за околу 1,22 милијарди денари“, рече Тренчевска.
Според неа, Владата зборува за инвестиции, но во исто време ги крати клучните програми за поддршка на домашната економија и претпријатијата.
„Владата зборува за инвестиции, но крати токму онаму каде што треба да се создава додадена вредност. Крати во програмата Д9 „Финансиска поддршка на инвестиции“ за 200 милиони денари. Крати во Програмата за економски развој, која се намалува за 661 милион денари. Програмата за унапредување на деловните активности паѓа од 1,571 милијарда денари на само 371 милион денари. Поддршката за мали и средни претпријатија останува речиси симболична, околу 15 милиони денари“, рече Тренчевска.
Во делот на демографските политики, Тренчевска укажа дека Владата испраќа сосема спротивна порака од она што јавно го говори- програмата за млади е намалена.
„За жал, средствата за демографски политики од 71 милион денари се намалени на 21 милион денари, односно имаме кратење на средствата за демографски политики од 70,4%. Толку од грижата на власта за состојбите со демографијата.Во програмата на Владата за изградба на детски градинки, која е во рамки на Министерството, има кратење за 62,9%, оти децата нели се приоритет во програмата. И во Програмата за млади имаме намалување од 1 милион денари, наместо зголемување. Така што, деца, млади, демографија, со кратењето во буџетот всушност покажувате колкава е вашата грижа кон оваа целна група“, рече Тренчевска.
Притоа, Тренчевска нагласи дека зад формалното зголемување на буџетот на Министерството за социјална политика всушност не стојат нови политики, туку исправка на лошо испланирани средства.
„1,5 милијарди има зголемување кај надоместоците за социјална заштита. Ама зошто е зголемувањето? Затоа што проекцијата била лоша во основниот буџет, оти недостасуваат средства на оваа ставка, што беше причина и за доцнењето на исплатата на правата од детска и социјална заштита. Но, она што е важно да се каже е дека, согласно проекциите во ребалансот и она што е реална потреба во рамки на Министерството за социјална политика, ќе фалат околу 3 милијарди денари до крајот на годината“, рече Тренчевска.
Во делот на програмите за социјална политика кај процесот на деинституционализација, социјалните услуги има зголемување од 130 милиони денари, но недоволно за да се сервисираат услугите до крајот на 2026 година.
Генерално, според неа, предложениот ребаланс ги потврдува погрешните економски проекции на Владата и покажува дека наместо фискална консолидација, државата се движи кон поголем дефицит, повисоко задолжување и дополнително стеснување на фискалниот простор. Тренчевска посочи дека расходите растат значително побрзо од приходите, а разликата повторно ќе се покрива со нови задолжувања, што создава сериозен товар за јавните финансии во наредните години, и нови скапи долгови кои ќе ги враќаат граѓаните.
„Особено е забележливо што расходите се зголемуваат со значително побрзо темпо од приходите. Додека приходната страна се ревидира за околу 4,6 милијарди денари, расходите растат за 11,6 милијарди денари. Разликата помеѓу овие две категории ќе се покрие преку дополнително задолжување, што подразбира дека поголемиот дел од новата јавна потрошувачка нема да биде финансирана од тековните буџетски приходи“, рече Тренчевска.
Дополнителен проблем како што посочи Тренчевска, е што Владата истовремено ги ревидира економските проекции, признавајќи послаб економски раст и повисока инфлација, но и покрај тоа го зголемува буџетскиот дефицит.
„Во ребалансот проекцијата за реален раст на БДП е ревидирана од 3,8% на 3,5%. Во првиот квартал од 2026 година растот изнесува 3,1%. Инфлацијата е ревидирана нагоре на 4,5%, а просечната инфлација во првите пет месеци изнесува 4,3%. Ова значи дека Владата се соочува со послаб раст и повисоки цени, а сепак одговара со поголем дефицит. Особено важно е што примарниот дефицит се влошува речиси исто како и вкупниот дефицит, што значи дека оправдувањето со камати и стар долг не држи. И ова е фискално ризичен пристап во услови на повисока инфлација. Буџетот треба да биде внимателен, таргетиран и развоен. Наместо тоа, имаме поширок дефицит и поголем простор за тековна потрошувачка“, рече Тренчевска.
Дополнително, Тренчевска предупреди дека Владата на ВМРО за две години го зголеми јавниот долг за околу 2,5 милијарди евра и дека продолжува да ја финансира потрошувачката преку нови кредити, наместо преку продуктивен економски раст.
„Тоа значи дека за нешто повеќе од две години државата добива нов должнички товар од приближно 2,5 милијарди евра. Јавниот долг веќе е на ниво што бара сериозна внимателност, затоа што државата се движи околу, односно над референтниот праг од 60% од БДП. Во самиот ребаланс е наведено дека на 31 март 2026 година јавниот долг достигнува 10,747 милијарди евра, односно 58,9% од БДП, со официјална проекција да достигне 61,5% од БДП“, рече Тренчевска.
Пратеничката Тренчевска порача дека повисок економски раст не може да се обезбеди преку задолжување и трошење, туку преку инвестиции и продуктивност. Таа додаде дека ребалансот не носи реформи, туку создава дополнителни ризици за јавните финансии.
„Имаме буџет без реформи, со повеќе долгови. Наместо стабилизација, се создава нов фискален ризик, што го потврдува и мислењето на Фискалниот совет, а Владата го поткопува сопствениот план за фискална консолидација“, рече Тренчевска.