Серафимовски: Жетвата на пченицата привршува – следува состанок за цената


Жетвата на пченицата во земјава привршува, а по анализите преку средба со земјоделците и откупувачите ќе се дефинира цената и да се види како да им се помогне на земјоделците. По ребалансот на буџетот на име на субвенции на сите земјоделци треба да им се исплатат околу една милијарда и 200 милиони денари, изјави министерот за земјоделство Борче Серафимовски во Прилеп, кој учествуваше на панел дискусијата на партијата „ЗНАМ“. 

Според Серафимовски допрва ќе се анализираат приносите, а главни прашања ќе бидат цената на пченицата, која, признава, дека е берзанска, и капацитетите за складирање.

-Жетвата на пченицата во земјава веќе привршува. Во некои региони е веќе завршена. Треба да се направат анализа и сондажа колку количества пченица ќе добиеме од околу 63 000 хектари и колку се капацитети кои ќе ја примат пченицата. Но, кога зборуваме за цената, знаеме дека ова е берзанска работа и, реално, не зависи само од нас како држава, туку зависи од регионот. Главната идеја која ќе ја спроведувам во наредниот период е претходна анализа и претходно дефинирање на цената заедно со откупувачите и со Регионот, така што, оваа состојба која ја имаме треба заедно да ја надминеме со земјоделците и со откупувачите. Во наредниот период треба да направиме добра анализа и да видиме какви можности како држава имаме за да им помогнеме на земјоделците, изјави Серафимовски.

Со ребалансот на буџетот по неговото усвојување ќе бидат исплатени околу една милијарда и 200 милиони денари за субвенции во кои се опфатени и житните култури. 

-Исто така, имаме и мерка за складирање на пченицата. Тоа ќе биде опфатено во наредниот период до септември, рече Серафимовски.

За триесетина дена започнува бербата на грозјето. Серафимовски нагласи дека вчера оствариле средба со откупувачите, односно со винариите.

 -Разговаравме за Законот, за слободните капацитети и за залихите кои ги имаат.  На 15 јули дадовме конкретна цена, согласно со Законот и метологијата кои се прифатливи за лозарите. Во наредниот период ќе излеземе со креирање мерки за помош и за едната и за другата страна, рече Серафимовски.

Според министерот за земјоделство, по наследената ситуација на неисплатени субвенции од пред две години, сега предвидените средства се максимално ставени во функција.

-Се обидуваме да дадеме интензитет на нивна исплата. Затоа со ребалансот, Владата предвиде поголеми средства, а и сточарите се предвидени со ребалансот да бидат исплатени. Јас само ќе замолам мало трпение од сточарите додека да поминат сите законски процедури во Владата и во Собранието и потоа веднаш ќе бидат исплатени согласно со правилниците и уредбата, изјави во Прилеп министерот за земјоделство Борче Серафимовски.