За скандалот на Клиниката за онкологија во Тирана притворени седум лица
Албанските власти денеска обвинија лекари, медицински сестри и административен работник од Клиниката за онкологија во Тирана поради наводите дека лажеле за достапноста на фармацевтски материјали, со што ги загрозувале пациентите.
Инспекторите, исто така, извршија рација во аптеките и во компаниите за медицински набавки во главниот град.
Обвинителите по истрагата тврдат дека продавале фалсификувани лекови за рак по екстремно високи цени.
– Седуммината осомничени кои беа притворени се лекари, медицински сестри и административен работник. Тие не им ја понудиле потребната грижа на пациентите во јавна клиника и ги упатувале во приватни болници каде што исто така работеа, за што примале поткуп со високи износи на пари, изјави портпаролка на Обвинителството во Тирана, Розета Тасе.
Таа додаде дека лицата се осомничени дека лажеле за недостиг на лекови и дека на пациентите со рак им обезбедиле само делумно лекување.
– Нивните пациенти потоа биле упатувани во аптеки, каде што остатокот од потребниот лек се продавал по високи цени.
Отстранета била и опремата за зрачење на болницата, поради што пациентите се принудени да бараат дополнителна нега во приватните клиники, потврдила истрагата.
Истата била отворена откако пациентите ги контактирале властите, кои ги прислушувале телефоните на осомничените.
Во врска со скандалот се огласи и министерката за здравство, Албана Кочиу, која рече дека „сите што ќе бидат прогласени за виновни да бидат најстрого казнети“ поради, како што додаде, „невидени, одвратни дела кои се во спротивност со сите вредности“.
Министерот за правда Улси Мања шемата за злоупотреба ја нарече одвратна, порачувајќи дека „оние кои ги валкаат белите кошули“ ќе ја добијат заслужената казна.
Граѓанските здруженија повикаа на протест пред Министерството за здравство каде што планираат да побараат оставка на министерката.