За „Плацеви на Водно“ Груевски доби 9 години затвор, одлучи Апелација. За Мијалков условна казна

По жалбата на обвинителството Апелацискиот суд ја зголеми казната затвор за Груевски од седум на девет години


 

Апелацискиот суд во Скопје по одржаната јавна седница денеска ги соопшти пресудите во второстепената постапка за случајот познат како „Плацеви на Водно“. За поранешниот премиер и бегалец во Будимпешта, Никола Груевски, затворската казна, по жалбата на обвинителството е зголемена за две години и тој треба да одлежи во затвор девет години. Во однос на Сашо Мијалков, судот ја прифатил жалбата на адвокатите и тој наместо една година и три месеци затвор доби условна осуда, која ќе се изврши ако во наредните четири години не направи кривично дело.

Во соопштението на Апелацискиот суд се наведува:

„Постапувајќи по кривичниот предмет КОКЖ-127/22, во јавноста познат како ‘Плацеви на Водно’, по одржана јавна седница и разгледување на списите во предметот, пресудата, изјавените жалби, предлогот на Вишото јавно обвинителство Скопје, како и усмените наводи изнесени на јавната седница, на 14.02.2023 година, донесе пресуда со која ги одби како неосновани жалбите на обвинетиот Н. Г. од С. и на правното лице ДТУОР Л.К.Ц. ДООЕЛ., а делумно ја уважи жалбата на обвинетиот С. М. од С. Истовремено, ја уважи жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Апелациониот суд ја преиначи одлуката на Основниот суд во делот за кривичната санкција:

– на обвинетиот Н. Г. од С., за кривичното дело Перење пари и други приноси од казниво дело од член 273 ст.1 од Кривичниот законик, му се утврдува казна затвор во траење од 7 години, а за кривичното дело Противправно стекнување и прикривање имот од член 359-а став 1 од Кривичниот законик му се утврдува казна затвор во траење од 3 – три години и 6 – шест месеци и согласно чл.44 од Кривичниот законик, се осудува на единствена казна затвор во траење од 9 – девет години

– на обвинетиот С. М. од С., за кривичното дело Перење пари и други приноси од казниво дело од член 273 став 1 в.в со член 24 од Кривичниот законик, му се изрекува алтернативна мерка – условна осуда, така што одмерената казна затвор во траење од една година и три месеци, во која му е засметано и времето поминато во притвор сметано од 22.12.2021 година до 29.12.2021 година се зема за утврдена и се определува дека истата нема да се изврши ако обвинетиот во рок од  четири години по правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело“.

Потоа Апелацискиот суд објаснува зошто ја зголемил казната затвор за Груевски, а ја намалил за Мијалков:

„Првостепената пресуда во обжалениот дел е јасна и подобна за испитување, не содржи суштествени повреди на постапката, фактичката состојба е јасна и правилно е утврдена. По однос на казните утврдени за обвинетиот Н.Г. Апелацискиот суд оцени дека првостепениот суд недоволно ги ценел отежителните околности и ја уважи жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција по однос на изречената казна и одлучи како во изреката.

По однос на обвинетиот С.М. кој е помагач од член 24 на Кривичниот законик за кривично дело од член 273 став 1 кој не преземал реални дејствија и постапки, туку дејствијата му се вербални, за кое се огласени виновни и осудени Н.Г.од С., Ј.К.од С: 1 (една ) година затвор, Н.Ј. алтернативна мерка – условна осуда, Р.Н. од С. алтернативна мерка – условна осуда, па советот оцени дека првостепниот суд го повредил член 24 од Кривичниот законик, во кој е наведено дека помагачот се казнува исто или поблаго од сторителот на делото. Имајќи го предвид член 24 од Кривичниот законик и во сооднос и корелација на казните на Н.Г. од С. (кој е во бегство),, Ј.К: – една година затвор, Н.Ј. алтернативна мерка условна осуда, Р.Н. Алтернативна мерка – условна осуда директни сторители со конкретни дејствија и постапки, како и одлуките на Врховниот суд на РСМ и врховните судови на земјите од поранешна СФРЈ, одлучи како во изреката.

По однос на конфискуваниот недвижен имот од обвинетите како и од правното лице, Апелациониот суд Скопје ја потврди првостепната пресуда со која е конфискуван целокупниот недвижен имот во приближна вредност 3.000.000 евра“.