За Панчо во моментов нема да се води постапка поради неговата лоша здравствена состојба, рече Коцевски


Обвинителот Љупчо Коцевски

Државниот јавен обвинител синоќа во телевизиско интервју рече дека за еден член од бендот кој е осомничен за пиротехниката нема во моментов да се води постапка поради лоша здравствена состојба.

„Има одредени лица кои што се во тешка здравствена состојба и со консултација со лекарите за нив во моментов е одлучено дека не се во состојба за нив да се води постапка ниту да дадат изјава, за жал“, рече државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски синоќа во интервју за ТВ24.

ТВ24: Дали е меѓу нив осомничениот кој беше дел од бендот ДНК?

Коцевски: Такви информации не можам да споделувам, но има и такви.

ТВ24: Кој директно беше нели меѓу осомничените за пиротехниката

Коцевски: Така.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ на 16 март загинаа 63 лица, а околу 200 беа повредени.Дури седум лица од тимот на ДНК се помеѓу загинатите во пожарот во Кочани. Покрај вокалот Андреј, починати се и музичарот Филип Стевковски, гитаристот Андреј Коларов, тапанарот Ѓорѓи Ѓорѓиев, придружниот вокал Сара Пројковска, тонецот Игор Велков и бит-боксерот Мартин Атанасовски – Буцо.

По два ипол месеци, истрагата за трагедијата во Кочани е завршена, од  денес почнува увидот на одбраната во доказите. Одбраната во наредните 15 дена има право да доставува докази кои јавното обвинителство ќе ги цени со тоа што по поминување на тие 15 дена ќе се донесе јавно-обвинителска одлука, рече Коцевски за Tелевизија 24.

Тој рече дека засега не може да прецизира колкав ќе биде конечниот број обвинети, а најави можност за некои да биде прекината истрагата.