За месец мај исплатени над 156 милиони денари на невработени лица корисници на паричен надоместок и стечајци


На 16.012 невработени лица корисници на паричен надоместок и стечајци исплатени се 156.649.277 денари за месец мај, информираат од Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување.

Паричниот надоместок се исплатува согласно Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност и Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата.

– Со последните дополнувања на регулативата, работниците кои поради корона кризата останале без работа во периодот од 11 март до 30 април, врз основа на потпишана спогодба, отказ  или лична изјава, независно од времето поминато во работен однос, можат брзо да дојдат до помош за полесно да го премостат периодот на невработеност. За да добие паричен надоместок во времетраење од два месеца, невработеното лице треба да достави барање до надлежниот центар за вработување на Агенцијата за вработување, стои во соопштението од МТСП.

Од МТСП нагласуваат дека со прилагодување на регулативата на новонастанатите услови поради корона кризата, Министерството и Владата на Република Северна Македонија одговораат на реалните потреби на лицата кои останале без работа и обезбедуваат брз и олеснет пристап до материјално обезбедување.