За малите и средните компании од Западен Балкан 65 милиони евра од ЕИБ и ПроКредит


За да обезбеди долгорочна поддршка, ЕИБ подготвува портфолио на проекти во вредност од 2,3 милијарди евра

Заемот е даден на банките на ПроКредит во Србија, Северна Македонија, Албанија и Босна и Херцеговина за да се одржи закрепнувањето и развојот на приватниот сектор на Западен Балкан и покрај пандемијата

Европската инвестициона банка (ЕИБ) и групацијата ПроКредит се договорија за нова кредитна линија од 65 милиони евра за поддршка на малите и средни претпријатија (МСП) на Западен Балкан и за забрзување на нивното закрепнување од кризата со КОВИД-19. Оваа трансакција го обезбедува неопходното финансирање за компаниите во Србија, Албанија, Северна Македонија и Босна и Херцеговина и ги опфаќа нивните потреби за обртни средства, ликвидност и инвестиции во услови на тековната пандемија. Паралелно, операцијата го зајакнува регионалниот банкарски сектор и ја зајакнува неговата способност да го финансира економското закрепнување на Западен Балкан.

Заемот на ЕИБ ќе помогне во ублажувањето на економскиот шок предизвикан од пандемијата со КОВИД-19, поддршката на компаниите, задржувањето на работните места и во одржувањето на малите бизниси низ целиот регион. Кредитната линија е дел од пакетот на Европската комисија за финансиска поддршка од 3,3 милијарди евра за Западен Балкан, од кои 1,7 милијарди евра од ЕИБ се наменети за поддршка на одржливо социјално и економско закрепнување во регионот. Кредитите на ЕИБ кон приватниот сектор ги следат напорите на Тим Европа за поддршка на Западен Балкан.

„Влијанието на КОВИД-19 се очекува да биде особено сурово врз МСП, коишто претставуваат околу 73 отсто од вкупните вработувања на Западен Балкан. Оваа операција доаѓа во вистинско време да му помогне на регионот да ја намали економската рецесија, да обезбеди вработувања и да го поттикне растот“, изјави Лилјана Павлова, потпретседателка на ЕИБ, одговорна за Западен Балкан.

Од ПроКредит холдинг, матичната компанија на групацијата ПроКредит, нагласуваат дека кредитна линијата на ЕИБ ќе им помогне на МСП на Западен Балкан да го надминат краткорочниот недостиг на ликвидност и ќе обезбеди поддршка за нивните инвестициски проекти, истовремено овозможувајќи им нови деловни активности и можности.

Кредитната линија ќе им биде достапна на малите и средните претпријатија во подружниците на ПроКредит во Србија, Северна Македонија, Албанија и Босна и Херцеговина. До денес, ЕИБ инвестираше 4,1 милијарди евра во МСП на Западен Балкан, што помогна во одржување на над половина милион работни места во регионот, се ввели во соопштението до медиумите.