За експертите на ВМРО-ДПМНЕ рокот за формирање влада не е почнат


Тања Каракамишева вели дека дури по изборот на претседател на Собранието течат десетте дена за именување мандатар. Пред три и пол години, таа немаше вакви ставови – Груевски го доби мандатот од Иванов на 9 јануари 2017, без избор на спикер ниту формирано владино мнозинство

 

Универзитетската професорка Тања Каракамишева ја најави најновата можна опструкција на ВМРО-ДПМНЕ околу формирањето на новата влада. Откако екс-спикерот на парламентот, Трајко Вељаноски, по повеќемесечно криење од јавноста, излезе со став дека Собранието не е функционално и не е конституирано вчера, Каракамишева  напиша на Фејсбук дека „дури по завршување на конститутивната седница на Собранието започнува рокот од 10 дена за доделување на мандатот за да започне постапката за составување на влада“, тврдејќи дека тоа сега не е случај.

„Согласно Деловникот на Собранието, конститутивната седница завршува по изборот на претседателот на Собранието, за што е потребно мнозинство од најмалку 61 пратеник. Со оглед дека ниту една партија го нема потребното мнозинство за избор на претседател, конститутивната седница очигледно ќе потрае. Дури по завршување на конститутивната седница на Собранието започнува рокот од 10 дена за доделување на мандатот за да започне постапката за составување на влада“, вели Каракамишева.

Овие ставови се целосно спротивни на она што го направи ВМРО-ДПМНЕ по изборите во 2016 година. Тогаш, исто така, не беше избран претседател на Собранието, а сепак тогашниот претседател на државата Ѓорге Иванов му го додели мандатот за составување влада на Никола Груевски. По мачните сцени пред седиштето на ДИК и прегласувањето во Теарце, конститутивната седница на тоа Собрание се одржа на 30 декември 2016 година. Претседател на Собранието не беше избран, ниту беше формирано владино мнозинство. Па, сепак, наспроти она што сега го тврди Каракамишева, претседателот Иванов му го додели мандатот за составување влада на Никола Груевски на 9 јануари 2017 година. Тој во наредните 20 дена не успеа да состави влада, а на крајот на февруари Зоран Заев со 67 потписи отиде кај Иванов да му гарантира дека тој има владино мнозинство. Но конститутивната седница, траеше и наредните месеци сѐ до крвавиот упад на 27 април.

„Собранието без избран претседател е неефикасно, бидејќи не може ниту да се закаже нова тематска седница, ниту да се носат закони што е неговата основна надлежност. Но, битната дилема е кој е одговорен за ваквиот исход што Собранието го држи во нефункционален вакуум, дали е тоа претседавачот кој согласно Деловникот ја свикал и водел седницата или некој друг?“, запраша утрово Трајко Вељаноски, заборавајќи на тоа како тој ја одолговлекуваше истата таква седница со месеци пред четири години без да направи ниеден обид таа да прекине.

Во овој очигледно смислен и синхронизиран настап се најавува проблематизирање на процесот за формирање влада, или барем негово пролонгирање за да се лови во матно. Вељановски уште додава дека за вакви ситуации – него во моментов го судат!

„Деловникот за жал не му дава на кој и да е претседавач на конститутивната седница ниту капацитет, ниту институционални механизми по однос на динамиката на двете нејзини битни компоненти, а тоа се формирањето на Комисијата за избори и именувања, како и изборот на претседател на Собранието. Одговорноста за успешното завршување на овие две точки од конститутивната седница, и од деловничка и од политичка гледна точка, зависи од парламентарните групи и одлуките на политичките партии во процесот на формирање на парламентарно мнозинство. Сѐ додека парламентарните групи не се договорат за претседателот и членовите на Комисијата за избори и именување и сѐ додека политичките партии не се договорат за собраниското мнозинство, претседавачот со конститутивната седница на Собранието не може успешно да ја заврши седницата, без оглед на неговите лични залагања или собраниско искуство. А, сѐ додека Собранието не избере претседател истото ќе биде неефикасна институција, чија вакум состојба ќе биде само уште еден знак за политичката и институционалната криза во која се наоѓа државата. И на крајот некого за иста ваква ситуација го судат и прогласуваат за терорист“, истакна Вељаноски. (Н.В.)