За автопатот Кичево – Охрид уште една измена на законот, се однесува на асфалтот
Владата донесе нов Закон за измена и дополнување на Законот за реализација на автопатот Кичево – Охрид, за кој што министерот за транспорт Александар Николоски се надева дека следната недела ќе го усвои македонското собрание.
Според него, со овој Закон ќе биде решен еден од основните проблеми за реализација на автопатот Охрид – Кичево.
Законските измени се во делот на техничките карактеристики на асфалтот што се користи за финализирање на завршните слоеви на автопатската делница, прилагодени на домашните геолошки услови, вели Николоски.
„Законските измени се во делот на техничките карактеристики на асфалтот што ќе се користи. Правимe прилагодување на македонските услови. Асфалт не може да се носи повеќе од 100 км од местото каде што е произведен што значи дека мора да се користи локална оператива и се прилагодуваме на геологијата односно на наоѓалиштата што се користат во изработката на асфалт. Со гласање на овој Закон веднаш започнуваме со асфалтирање на финалните делови на одредени делници и да бидам поконкретен веќе следната пролет да имаме делови од автопатот кои што ќе бидат целосно ставени во функција. Очекувам до рокот до крај на 2026 година да имаме конечно завршен автопат“, изјави министерот Николоски.
Министерот истакна и дека се решаваат наследените проблеми со експропријацијата, објектите што се на трасата, како и со свлечиштата.