Вучиќ и Борисов разговараа за изградба на гасовод „Балкански поток“


Српскиот претседател Александар Вучиќ и бугарскиот премиер Бојко Борисов денеска телефонски разговараа за билатералните односи и соработка и за можностите за реализација на заеднички инфраструктурни и енергетски проекти.

Како што соопшти Кабинетот на Вучиќ, во тие рамки станало збор и за можностите за диверзификација на изворите за снабдување со природен гас на регионот преку изградба на гасоводен систем „Балкански поток“, кој според идејата на Борисов, би требало да обезбеди дистрибуција на енергенсот од различни снабдувачи.

Вучиќ во разговорот му се заблагодарил на Борисов за континуираната бугарска поддршка за европскиот пат на Србија и изразил задоволство од интензивирањето на соработката, како на билатерално ниво, така и во рамки на регионалните иницијативи.