Вториот човек на владејачката германска ЦДУ е за поворно отворање на „Северен поток“


Заменик-претседателот на владејачката германска Христијанска демократска унија (ЦДУ) Михаел Кречмер, изјави дека го поддржува повторното отворање на гасоводите „Северен поток“ како можност за да се донесе Русија на преговарачка маса, пренсува ДПА.

– Северен поток е можна прилика за разговори со Русија, рече Кречмер во интервју за весникот „Цајт онлајн“.

Кречмер, кој е и премиер на источната покраина Саксонија, тврди и дека 20% од потребите на Германија за гас треба да се покријат со увоз од Русија. Германија беше многу зависна од увозот на руски гас пред војната во Украина, а цените на енергијата значително се зголемија кога испораките беа прекинати по инвазијата.

Новиот германски канцелар Фридрих Мерц и лидер на ЦДУ го поддржа планот на Европската комисија за блокирање на повторното активирање на гасоводите како дел од новиот пакет санкции против Русија, со цел да се изврши притисок врз Москва за преговори за прекин на огнот со Украина.

Но, Кречмер вели дека не ја смета оваа стратегија за особено корисна, посочувајќи оти постојат две опции за да се натера Русија да се согласи на разговори: „или ќе се обидете да ја присилите, како што беше случај досега, или ќе се обидете со позитивен пристап“, додавајќи дека е јасен застапник на второто.

– Се додека велиме: Не сакаме ништо, не сакаме снабдување со гас, само воведуваме санкции, нема смисла [Русија] да разговара со нас, изјави Михаел Кречмер.