Вселенското летало Blue Ghost ниско прелетa покрај Месечината и го сними изгрејсонцето

Вселенското летало Blue Ghost на американската вселенска агенција НАСА сними уникатна слика од површината на Месечината додека се подготвува за слетување на површината на Месечината планирано за претстојниот викенд.
„Blue Ghost“ треба да слета на Месечината за прв пат во недела, на 2 март, а во пресрет на овој историски момент, леталото сними уникатни снимки од блиску од површината на Месечината. Во неверојатно видео, далечната Земја може да се види како се издигнува и исчезнува зад лунарниот хоризонт.
Тајм-лапс видеото е снимено на 18 февруари и прикажува неверојатен поглед од лендерот Blue Ghost додека го правел своето второ орбитално преминување околу Месечината на надморска височина од околу 120 километри над нејзината површина. Сликата покажува кратери, со Сонцето и Земјата во позадина.
Леталото заврши три орбити, а неговиот оператор, приватната американска компанија Firefly Aerospace, моментално ги прави последните подготовки за слетување. Ако Blue Ghost успешно слета, тоа ќе биде првото вселенско летало што ќе сними зајдисонце од површината на Месечината.
На Земјата сме навикнати на тоа дека сонцето повторно изгрева и заоѓа по околу 12 часа, но на Месечината тоа се случува на сосема поинаков начин. Еден лунарен ден трае околу 29,5 земјини денови, што значи дека кога сонцето изгрева на Месечината, не заоѓа во следните 14 дена.
За време на мисиите Аполо, НАСА ги „темпираше“ слетувањата така што астронаутите слетаа на Месечината на почетокот на овој двонеделен период, па имаа време да спроведат научни истражувања. Сепак, поради ова, никој не знае точно како изгледа зајдисонце на Месечината, а Blue Ghost би можел да стане првиот уред кој ќе го сними тој уникатен момент.