Врховниот суд ја укина пресудата за судијата Владимир Панчевски


По само две недели поминати во затворот во Шуто Оризари, поранешниот судија и претседател на Основниот кривичен суд во Скопје, Владимир Панчевски, ќе излезе надвор бидејќи Врховниот суд ја укина пресудата на Апелацискиот суд од Скопје. Панчевски во Шутка влезе на 3 февруари, а треба да излезе во текот на утрешниот ден.

Панчевски беше осуден за злоупотреба на службената положба и овластувања односно поради злоупотреби со АКМИС-от – електронскиот систем за распределба на предмети кај судии. Судскиот процес се водеше пред Основниот суд Велес кој го осуди на казна затвор од три и пол години, а потоа скопска Апелација му ја намали на две и пол години. Со одлуката на Врховен, пресудата на Апелација се укинува и предметот се враќа на повторно одлучување пред второстепениот суд.

Жалбата до Врховен адвокатот Петро Јанура ја поднел поради повреди на Кривичниот законик и на Законот за кривична постапка односно поради повреда на правото на одбрана. Во одлуката, која Врховен ја донел на 9 февруари годинава, се констатира дека барањето на одбраната е основано односно дека му е повредено правото на одбрана на Панчевски бидејќи кога судиите од Апелација одлучувале за жалбата не го повикале на седницата и  таа не била јавна.
При повторното одлучување, Врховен ја задолжува апелација да одржи седница на која уредно ќе ги повика како јавниот обвинител, така и Панчевски и неговиот адвокат.