„Вратата на Трамп е затворена за Вучиќ“: Српскиот претседател преку Генералштабот ги прокоцка шансите со Вашингтон
Бесниот претседател ќе ги тужи сите откако зетот на Трамп го откажа проектот во кој Вучиќ вложи толку енергија и лобирање
Одлуката на компанијата на зетот на американскиот претседател Доналд Трамп да се повлече од проектот „Генералштаб“ во Белград е повеќе од јасен доказ дека српскиот претседател Александар Вучиќ ги пропуштил сите свои шанси со Вашингтон. Надворешно-политичкиот аналитичар Бошко Јакшиќ го истакнува начинот на кој е објаснето повлекувањето на Американците од проектот, со оценка дека тоа е лична навреда кон претседателот на Србија. Јакшиќ смета дека по сè, Трамп повеќе не може да го види со очи Вучиќ.
„Бидејќи значајните проекти треба да обединуваат, а не да разделуваат, и од почит кон народот на Србија и градот Белград, ја повлекуваме нашата апликација и се повлекуваме во овој момент“, објасни компанијата „Афинити партнерс“ на Џаред Кушнер, инаку зет на американскиот претседател, зошто се откажуваат од проектот за изградба на хотелот Трамп на локацијата на поранешниот Генералштаб во центарот на Белград.
Ова се случи на денот кога беше поднесено обвинение против неколку лица, вклучувајќи го и министерот за култура Никола Селаковиќ, поради незаконитост при отстранувањето на статусот на културно добро од зградите на „Генералштабот“.
Бесниот претседател ќе ги тужи сите
Еден ден подоцна, самиот Александар Вучиќ за пропаста на овој грандиозно најавуван американско-српски проект ги обвинува граѓаните и стручната јавност, која се побуни поради масовните незаконитости што ја следеа целата приказна од самиот почеток.
„Неопходно е сè да се оцрни, да се уништи Србија, да се остави без инвеститори и сè друго за Србија да исчезне од картите на успешните земји. Изгубивме исклучителна инвестиција. Јас лично ќе се погрижам сите оние што учествуваа во предизвикувањето штета да бидат одговорни за тоа“, се закани видливо бесниот и вознемирен Вучиќ во првата реакција на одлуката на Џаред Кушнер.
Аналитичарот за надворешна политика, Бошко Јакшиќ, истакнува за Nova.rs дека не успеа уште еден обид на Вучиќ да се додворува на Трамп и да ги поправи нарушените односи со Вашингтон. За Јакшиќ, објаснувањето со кое компанијата на зетот на Доналд Трамп го напушти проектот е исклучително важно.
„Акцентот е на тоа како беше објаснет потегот, дека тоа беше заради српскиот народ. Ова испраќа сосема јасна порака од типот ‘повеќе размислуваме за тоа што ќе се случи со српскиот народ и како тие го перцепираат тоа отколку што нивната влада ги зема предвид ефектите што би ги имала кулата на Трамп во Белград’. Вака му беше испратена директна порака на Вучиќ а та е за него навредливо. Американците јасно му покажуваат дека повеќе им е грижа за фактот дека граѓаните на Србија се бунат против уривањето на Генералштабот отколку штој води самиот. И во тоа лежи иронијата на целата оваа ситуација“, оценува Бошко Јакшиќ.
За познатиот новинар нема дилема дека оваа порака испратена од другата страна на Атлантикот совршено се вклопува во тековите на американско-српските односи во последно време. Тој потсетува дека биле повеќе од вознемирени од однесувањето на Вучиќ уште во мај оваа година кога се обиде да влезе на конвенцијата на републиканците во Флорида.
Претседателот на Србија минатата пролет беше во посета на САД, од која се врати непланирано по два дена, и како што беше најавено тогаш, од здравствени причини. Според неофицијалните медиумски извештаи, Вучиќ очекувал да се сретне со Трамп на собирот на републиканците во Флорида, но тоа не се случило.
Целата посета беше обвиткана во тајност и ги надмина државните протоколи, бидејќи станува збор за собир на кој не се очекувале делегации од други држави. Дури имало информации дека кабинетот на Трамп му забранил на Вучиќ да влезе на настанот.
„Мојот впечаток е дека Доналд Трамп повеќе не сака да го види со очи Александар Вучиќ. Се чини дека Вучиќ ги пропушти своите шанси со Трамп, исто како што ги пропуштил со Москва и Европската унија“, истакнува Јакшиќ.
Тој предупредува дека Американците не простуваат што Вучиќ се обидел да ги вклучи во своите домашни корупциски афери.
Имено, државата Србија, во договорот за префрлање на комплексот каде што се наоѓа Генералштабот на компанијата на зетот на Трамп, гарантирала дека нема судска постапка, тужба, барање, расправа, истрага, ревизија, жалба, судски спор или арбитража во врска со тоа земјиште… односно дека „сè е целосно чисто“.
„Вучиќ би ги лажел Американците, како и нас“
А на теренот, доказ по доказ дека ништо не е чисто. Истрага за фалсификување на одлуката на Владата за отстранување на заштитата на културното добро, протести од граѓаните и стручната јавност, обвинувања против владини претставници дека вршат притисок врз експертите да дејствуваат надвор од законот и интересите на граѓаните…
Не дека има постапки и истраги, туку обвинет е и актуелен министер. Како што истакнува Јакшиќ, ова е затоа што Вучиќ мисли дека може да се однесува кон странците како што се однесува на домашната политичка сцена.
„Тој е навикнат да дава ветувања каде и да оди, дека не мора да го исполнува она што го ветува и дека едноставно може да се согласи на сè. Кога во дипломатските односи, особено со Американците, ветувате нешто, а не го исполнувате, тогаш ќе платите казна. И нема прошка. Вучиќ се обиде да го пренесе моделот на своето однесување во внатрешната политика кон надвор, па веднаш доби шлаканица“, смета Јакшиќ.
Според неговото мислење, Вучиќ практично си ја затворилвратата со Доналд Трамп. Соговорникот на Nova.rs уште еднаш нагласува дека дотичната порака е првенствено упатена до претседателот на Србија, во која се нагласува дека не е насочена против граѓаните на Србија.
„Тие јасно велат дека нема да го казнат српскиот народ, дека ќе го казнат него кој беше инвеститор и работодавач на бизнисот со Генералштабот“, прецизира тој.
Коментирајќи како оваа најнова епизода во српско-американските односи би можела да се одрази на приказната за американските санкции против српската нафтена индустрија, Јакшиќ истакнува дека ова е само продолжение на низата афери што Вучиќ ги направил во односите со Американците.
Тој оценува дека Вучиќ можеби имал некаков капитал со Трамп, но дека самиот го уништил. Потсетува дека овој процес започна одамна.
„Да се потсетиме на американските избори во 2016 година кога отиде и плати два милиони долари на Фондацијата ‘Клинтон’. Човек толку суетен и нарцисоиден како Трамп сигурно не го заборавил тоа, без оглед на фактот дека после тоа напредњаците и медиумите блиски до нив го славеа и отворено навиваа за него. Беше јасно дека уште тогаш Трамп проценуваше со кого си има работа. Значи, Вучиќ одамна покажа дека е несигурен партнер, а камоли сојузник“, заклучува Јакшиќ.