Возачите се опуштија: За возење побрзо од 160 км/ч казнети двојно повеќе во САД


Изгледа возачите во Калифорнија премногу се опуштија деновиве, па во време на пандемија и празни улици возат побрзо од 160 км/ч.

Калифорниската полиција соопшти дека последниот месец бројот на казни за надминување на брзината од 160 км/ч е зголемен за 87% во однос на истиот период лани.

Мерките кои властите на оваа американска сојузна држава ги донесоа заради пандемијата стапија на сила на 19 март, а од тој ден полицајците кои патролираат по автопатите на Калифорнија напишале дури 2.493 казни на возачите кои со своите автомобили се движеле со брзина поголема од 160 км/ч.

Во истиот период лани, бројот на казни за истиот прекршок изнесувал 1.335, велат од полицијата. Тоа е јасен показател дека возачите премногу се „опуштиле„ во време кога поради мерките за борба против пандемијата на патиштата има за 35% помалку возила.

Полицијата посебно го издвојува примерот на возач на „шевролет камаро“ кој е уапсен откако возел со брзина од 265 км/ч. Против него ќе бидат покренати повеќе прекршочни пријави, вклучително и онаа за возење без возачка дозвола, пренесе „ЛА Тајмс“.