Хамас предлага едногодишен прекин на огнот во Газа


Египетските власти му доставија на Израел предлог изготвен од Хамас, со кој се бара едногодишен прекин на огнот во Појасот Газа во замена радикалните Палестинци да ги запрат нападите врз израелските сили, објави ТВ каналот Ал Хадат со седиште во Дубаи.

Според извештаите, Египет го доставил предлогот на Хамас до израелската делегација.

Изворите наведоа дека и Египет покренал сопствена иницијатива, барајќи од Израел целосно да ја прекине операцијата во градот Рафа во јужниот дел на Појасот Газа во близина на египетската граница.

За возврат, египетските власти ветуваат дека ќе обезбедат „напредок во разговорите“ со радикалните палестински групи за ослободување на израелските заложници што ги држат во Појасот Газа, велат изворите.