Воена состојба е прогласена во неколку населби во градот Мандалај во Мјанмар

Воена состојба е прогласена денеска во неколку населби во Мандалај, вториот по големина град во Мјанмар, по протестите против воениот удар.
Прогласувањето воена состојба го објавија властите во официјално соопштение.
Забранети се протести и собири на повеќе од пет лица на јавни места. Стапува во сила и полициски час, во траење од 20 часот до 4 часот изутрина.
Во Мјанмар продолжуваат протестите поради преземањето на власта од страна на војската. Демонстрантите бараат ослободување на лидерката Аунг Сан Су Чи и другите уапсени и враќање на демократијата во земјата.
Војската на Мјанмар на 1 февруари воведе вонредна состојба, ја презеде власта во државата и потврди дека уапсила високи владини функционери под обвинување за измама на минатогодишните избори, меѓу кои и Аунг.
Власта ја презеде командантот на вооружените сили генерал Мин Аунг Хлаинг, кој смени 24 министри и заменици и именуваше 11 нови министри.