Водечките автомобилски компании остварија загуба во работењето со електричните возила- колку милијарди беа отпишани?
Превсвртот на амбициите за електрични возила (EV) ја чинеше глобалната автомобилска индустрија најмалку 65 милијарди долари загуби во текот на изминатата година, а раководителите и шефовите на конгломерати предупредуваат дека може да следат повеќе проблеми со прилагодувањето на стратегиите. Производителите на автомобили беа принудени да ги преиспитаат своите планови за развој и инвестиции на електрични возила по радикалниот пресврт во политиката за климата во САД. Најтешко погодени се компаниите што постигнаа најголем напредок во префрлањето од бензински мотори, пишува Фајненшл тајмс.

Овој месец, Стелантис регистрираше трошок од 26 милијарди долари за отпишување на некои целосно електрични модели и рестартирање на популарниот 5,7-литарски V8 мотор „Хеми“ во САД. Компанијата неодамна одлучи повторно да воведе дизел мотори во неколку европски модели. Овој отпис предизвика пад на цената на акциите, намалувајќи ја пазарната вредност на компанијата за околу шест милијарди долари. Сопственикот на брендовите Peugeot, Fiat и Jeep претходно планираше електричните возила да ја сочинуваат целата продажба на патнички возила во Европа и половина од вкупната продажба во САД до 2030 година.
Крајот на даночните олеснувања за електричните возила во САД и решеноста на претседателот Доналд Трамп дополнително да ги олабави регулативите за намалување на емисиите значат дека шефовите на индустријата сега очекуваат електричните возила да сочинуваат само околу пет проценти од пазарот на нови возила во САД во наредните години, приближно половина од сегашните нивоа.
Конкурентската Ford Motor Company неодамна објави отпис од 19,5 милијарди долари по откажувањето на електричната верзија на пикапот F-150, додека Volkswagen, Volvo Cars и Polestar претрпеа загуби во своите програми за електрични возила во текот на изминатата година.
Покрај големите регулаторни промени во САД, аналитичарот на Bernstein, Стивен Рајтман, верува дека Stellantis и другите производители го изгубиле контактот со потрошувачите додека се обидуваат да го повторат раниот успех на Tesla, кој го револуционизираше пазарот на електрични возила во САД. Нивниот проблем беше што не нудеа возила што ги исполнуваа очекувањата на клиентите во однос на цената и дометот, додека инфраструктурата за полнење беше недоволно развиена.

Во меѓувреме, Тесла, исто така, забележа значителен пад на продажбата на електрични возила поради конкуренцијата од кинеските производители и реакциите на политичката вмешаност на Елон Маск, и го прекина производството на своите најскапи модели S и X.
Аналитичарите предупредуваат дека може да следат дополнителни отписи за Стелантис, бидејќи компанијата се обидува да го зголеми пазарниот удел во САД со префокусирање на хибридни и бензински модели.
Хонда, единствениот јапонски производител што објави целосен крај на производството на бензински и дизел возила до 2040 година, прогнозираше годишни загуби од 4,5 милијарди долари поврзани со електричните модели, вклучувајќи 1,9 милијарди долари отписи. Компанијата предупреди дека се можни дополнителни трошоци, бидејќи ја преиспитува својата стратегија за електрични возила и го завршува своето партнерство за електрични возила во САД со Џенерал Моторс, кој самиот отпиша 7,6 милијарди долари од својот бизнис со електрични возила.

Извршната директорка на Џенерал Моторс, Мери Бара, изјави дека крајната цел на компанијата останува целосна електрификација, што го потврдуваат и другите производители кои продолжуваат да планираат долгорочни инвестиции во транзицијата од моторите со внатрешно согорување. Бидејќи темпото на електричната транзиција сè повеќе се разликува помеѓу клучните пазари како што се САД и Кина, за производителите ќе стане уште поскапо паралелно да нудат различни видови возила, од електрични и хибридни до бензински.
Извршниот директор на Форд, Џим Фарли, рече дека глобалната регулаторна средина е „непозната“ бидејќи компанијата ја прилагодува својата стратегија и инвестиции. Сепак, тој додаде дека има доволно различни трендови во електрификацијата низ целиот свет за компанијата да може да ја прилагоди својата понуда на пазарите и да најде соодветна стратегија, не само во САД, туку и глобално.