Водата во Крушево е исправна за пиење, Агенцијата за храна и ветеринарство ја повлече забраната
Водата во Крушево е исправна за пиење, a Агенцијата за храна и ветеринарство штотуку ја повлече забраната и водата од крушевскиот водовод може да се употребува за пиење.

Од прилепскиот Центар за јавно здравје ги добија резултатите и од третиот, последен последователен примерок за испитување, со што е потврдена исправноста на водата во Крушево, која сега ги исполнува условите од правилникот за безбедна вода за пиење. Во водата има законски пропишано резидуален хлор.
– Излегоа конечните резултати, кои покажуваат дека водата е здравствено исправна и безбедна за пиење. Значи, безбедна е и содржи резидуален хлор во потребните граници и водата е бактериолошки и хемиски исправна. И резултатите од првите два последователни дена и од овој, третиот последователен ден, земени на 22, 23 и на 24 јули, се доставени до Агенцијата за храна и ветеринарство во Прилеп и во Крушево и до Јавното комунално претпријатие во Крушево. Врз основа на нашите резултати, сега Агенцијата за храна и ветеринарство треба да донесе решение, да ја повлече забраната и да ја дозволи водата за пиење – изјави Петар Оханесијан, специјалист, раководител на одделот за хигиена при Центарот за јавно здравје во Прилеп.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство потврдија дека ги добиле резултатите од Центарот и денеска е направен контролен инспекциски надзор и се повлекува забраната.

– При контролниот инспекциски надзор, а врз основа на добиените лабараториски извештаи на трите мостри земени за анализа, се констатира дека се добиени три последователни исправни лабараториски наоди, односно испитаните примероци од вода ги исполнуваат пропишаните барања за здравствена исправност во согласност со Правилникот за критериумите на безбедност и квалитет на водата за пиење. Врз снова на добиените резултати се констатира дека неправилностите поради кои беше донесена забраната се отстранети и е обезбедена здравствено исправна водата од јавниот водоснабдителен систем во Крушево. Со оглед на утврдената фактичка состојба исполнети се условите за престанување на изречената инспекциска мерка – забрана за употреба на водата од јавниот водоснабдителен систем во Крушево – вели Мартин Јошески од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Од Центарот за јавно здравје од Прилеп воедно предупредуваат дека во градот има исправна вода, но крајпатните чешми кон Крушево не се за употреба.