Со „вообичаена здравстена состојба“ Клековски го намалува ефектот на епидемијата во Гостивар
Министерот за здравство, Сашо Клековски, на денешната прес-конференција соопшти дека акутната фаза на епидемијата во Гостивар постепено се смирува, но здравствените власти остануваат во состојба на засилен надзор поради можноста од појава на нови заразни заболувања.
Клековски посочи дека во последните четири дена бројот на нови први прегледи се движел меѓу 80 и 125 дневно, но засега не може прецизно да се утврди колкав дел од нив се директно поврзани со епидемијата, а колкав претставуваат вообичаена здравствена состојба.
Во консултација со Комисијата за заразни болести е одлучено да се воведе здравствен надзор во постакутната фаза на епидемијата. Посебно внимание ќе биде насочено кон навремено откривање на хепатит А, хепатит Е и други заразни заболувања што би можеле да се појават по завршувањето на епидемијата.
Клековски најави дека до Центарот за јавно здравје, здравствените установи и матичните лекари ќе бидат испратени упатства за понатамошно постапување, како и насоки за информирање на населението.