Алмир Даути в.д директор на ЈП Комуналец во Гостивар


 Со гостиварското комунално претпријатие „Комуналец“ како вршител на должност раководи Алмир Даути. Според градоначалникот на општина Гостивар, Ваљбон Лимани, назначувањето било неопходно, со оглед на обврските кои ова јавно претпријатие ги извршува.

– Претходно имав средба со раководителите на секторите во „Комуналец“ и им предложив да одредат еден од нив и да ја врши административно оваа функција наредниве два месеци. Ова претпријатие врши и други дејности и неопходно е да има човек што ќе ја врши функцијата, рече Лимани

Алмир Даути (49) е дипломиран економист кој во ЈП Комуналец работи над 15 години, а последниве седум раководи со одделението за комерција.

Тој со одлука на градоначалникот од вчера попладне е назначен за в.д. директор, откако неговата претходничка беше лишена од слобода на 21 јули и сега се наоѓа во притвор, а комуналното претпријатие остана без раководен орган,

Таа и уште двајца други раководители од ЈП Комуналец се осомничени за дејства кои доведоа до епидемија од ентероколитис во Гостивар со загадување на водата во градскиот водовод.