Редица за ревакцинација во „Борис Трајковски“


(Фото: Б. Грданоски)

Долга редица граѓани стрпливо чекаа утринава пред спортската сала „Борис Трајковски“ да ја примат втората доза на вакцината Спутник В.

Станува збор за оние кои пред три недели ја примија првата доза од руската вакцина, по што на нивните телефони добија известување од „Мој термин“ за датумот, времето, и пунктот на кој ќе треба да се ревакцинираат.

Меѓу оние кои денеска се ревакцинира, се и новинарите над 40 годишна возраст, кои на 12-ти минатиот месец ја примија првата доза на Спутник В. 

И покрај долгата редица пред салата, сепак, целиот процес се одвиваше брзо и без застој. Според вообичаената процедура, граѓаните прво се евидентираа, а потоа се упатуваа на местата за вакцинација, по што следуваше 15-30 минутен одмор. На крајот, пред излегување од салата, тие уште еднаш се евидентираа, овој пат за да се внесат податоците за примената втора доза во системот. 

Во спортската сала „Борис Трајковски, паралелно се одвива и процес на вакцинирање на повозрасни граѓани со прва доза од вакцините кои изминатите денови пристигнаа во земјава, како дел од процесот на массовна имунизација.

(Фото: Б. Грданоски)

Како што соопштија од Министерството за здравство, вакцинацијата против Ковид-19 се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува.

На вакциналните пунктови во државата, како што се посочува, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 74.076 граѓани.

Прва доза вакцина вчера примиле 7.963 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 9.123 граѓани. Во државата вкупно вакцина и ревакцина примиле 92.253 граѓани. Со последните бројки 25 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина. Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура.

Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, во спортсите сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола и Охрид. Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат, стои во соопштението.