Во Шуто Оризари ќе се гради првиот Ресурсен центар за повратници


Во Општина Шуто Оризари, денеска е потпишан договор за финансирање за отворање на првиот Ресурсен центар за повратници и други маргинализирани групи.

Центарот се формира со цел обезбедување услуги и сервиси на локално ниво за поефикасна
реинтеграција на повратниците во матични земји фокусирајќи се на неколку клучни сегменти,
социјална заштита, вработување, образование, здравствени услуги, правни совети и друго.
Лоциран во општината Шуто Оризари, центарот ќе биде изграден како посебен модерен и
современ, енергетски – ефикасен објект на површина од 310 м2 наменети за потребите на
граѓаните на општината.

„Шуто Оризари е првата општина во државата во која што се воведува овој модел на поддршка
на повратниците и другите ранливи категории преку информирање, директни контакти и
асистирање на лицата активно да се вклучат во социо – економските процеси во државата. Се
надеваме дека примерот на нашата Општина ќе може да се реплицира и во други општини при
што повратниците и другите ранливи групи ќе ја добијат соодветната поддршка за
поквалитетен живот во матичната земја“, потенцираше gрадоначалникот на Шуто Оризари,
Курто Дудуш.

„Програмата за развој на Обединетите нации во партнерство со Општина Шуто Оризари веќе
подолго работи во обезбедување соодветни механизми за Ромите и другите ранливи групи
граѓани со цел обезбедување услови на еднакви можности за сите. Се надеваме дека овој шпрв
пример ќе го следат и други општини“, рече на потпишувањето Постојаниот претставник на
Програмата за развој на Обединетите нации, Армен Григорјан.

Започнувањето на градежните работи се очекуваат за две недели и да се очекува да траат
седум месеци, при што официјалното отворање на Центарот е предвидено за втората половина
на 2024 година.

„Ресурсниот центар е планиран да биде мултифункционален објект, прилагодлив зависно од потребите граѓаните, и да е лоциран во зградата на Општината Шуто Оризари. Истиот е предвидено да се заврши до крајот на годинава, и ќе чини околу 180 илјади евра, од кои околу 81.000 евра ќе бидат обезбедени преку ЕУ, додека останатите ќе ги обезбеди општината за што навистина изразувам честитки од Општината, градоначалникот, советот и до сите кои што се вклучени“, рече премиерот Ковачевски.

Според него, преку Ресурсниот центар граѓаните ќе имаат непречен пристап до повеќе административни услуги меѓу кои здравствените и социјалните услуги, вработување, предучилишно и училишно образование и пристап до правна помош.
 
„Со еден збор, еден модерен, едношалтерски систем каде што ќе можат сите информации и услуги граѓаните на Шуто Оризари да ги добиваат на едно место, брзо и ефикасно и потоа да бидат процесирани или да бидат упатувани и советувани што треба да направат. Центарот треба да обезбеди социјална и економска реинтеграција на жителите на Шуто Оризари и ќе создаде повеќе можности за повратниците да станат поактивни на пазарот на трудот“, додаде Ковачевски.

 

Формирањето и изградбата на Ресурсен центар за повратници е дел од проектните активноста
во рамките на регионалниот проект „ Зајакнување на националните и локалните системи за
поддршка на ефективна социо- економска интеграција на повратните во земјите на Западен
Балкан“ реализиран во неколку земји на Западен Балкан од страна на Програмата за развој на
Обединетите нации, а финански поддржан од EU – DG NEAR.

На потпишувањето на Договорот присуствуваа во премиерот Димитар Ковачевски, постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации, Армен Григорјан и градоначалникот Курто Дудуш.