Во првите три месеци од годинава Грција ја посетиле над 2,3 милиони туристи
Бројот на посетители на Грција во првите три месеци од годинава се зголемил за 24,5 отсто споредбено со истиот период лани, а земјата ја посетиле 2.332.500 туристи, согласно податоците од Банката на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Во периодот јануари- март годинава, со зголемувањето на бројот на туристи, зголемени се и приходите за 28,2 отсто и изнесуваат 942 милиони евра, пораст, што, како соопштија од Банката на Грција, се должи на зголемувањето на приходите од посетителите од земјите од ЕУ за 48,2 проценти што изнесуваат 470 милиони евра, како и зголемување за 13,1 отсто од граѓани од останатите земји.
Пристигнувањата преку аеродромите биле зголемени за 24,6 отсто додека преку копнените гранични премини за 25,7 проценти.
Во конкретниот период, Грција ја посетиле 1.187.100 туристи од ЕУ (зголемување од 32,1 отсто) и 1.145.400 патници од земји вон Унијата (зголемување за 17,4 проценти).
Минатата година беше особено успешна за грчкиот туризам, со оглед на тоа дека Грција ја посетија 32,7 милиони туристи, за 17,6 отсто повеќе споредбено со 2022 година.