Запален автомобил на познат бизнисмен од Битола, огнот зафатил уште две возила


 

БИТОЛА – Во пожар што се случи ноќеска дваесет минути по полноќ изгореа три автомобили паркирани пред колективна зграда на улицата „Леринска“ во Битола. Огнот најпрво избувнал во „тојота“, потоа зафатил уште две возила паркирани до него.

Како што велат очевидци со кои разговараше „Независен“ најпрво се слушнал силен тресок пред да избувне огнот. Ветрот го разнесол пламенот на останатите два автомобила на паркингот „пасат“ и дачија“.

 

„Во 24 и 20 часот имавме дојава за пожар. Упатено беше едно возило на улица „Леринска“ со 5 пожарникари. Интервенцијата траеше еден час до 1 и 20 часот. Зафатени беа три возила“,  изјави командирот на противпожарната единица Горан Димкоски за „Независен“.

Неофицијално, првиот опожарен автомобил бил во сопственост на семејството на бизнисмен од Битола, кој претходно беше и политички ангажиран во кампањата за последните локални избори.

Според портпаролот на СВР Битола, Сања Стаматова, трите опожарени возила се водат на приватни фирми, битолска, скопска и тетовска фирма. 

„Пожарот избувнал на паркинг на улица ‘Леринска’ каде од страна на непознат стрoтел била фрлена запалива течност при што опожарени биле три возила ‘тојота рав’ хибрид со битолски ознаки сопственост на приватна фирма, корисник била С.К. Другото опожарено возило е ‘фолксваген пасат’ со тетовски регистерски ознаки сопственост на приватна фирма и третото зафатено со оган возило е ‘дачија’ со скопски ознаки исто така сопственост на приватна фирма. Извршен е увид на местото на настанот се превземаат мерки да се расчисти случајот“, изјави Стаматова за „Независен“. (А.Б.)