Во поплавите во Србија исчезна човек, вонредна состојба во 12 општини


Жител на Селиште, кај Трстеник, каде веќе три дена пустоши поплавата, исчезна синоќа кога тргнал да ја провери нивата дознаваат „Новости“.
Според првите информации, исчезнувањето на земјоделецот на возраст од 60 години, е пријавено во полицијата во Крушевац, а потрагата е во тек.
Со намера да го провери својот имот тој излегол со тракторот од дома и не се вратил. Полицијата и граѓаните го бараат, а нема трага ни од тракторот.

Централна и јужна Србија беше зафатена со обилни дождови кои предизвикаа излевање на речните корита и поплави.

Во 12 општини е прогласена вонредна состојба, каде што се излеани реките и поплавени голем број села.

Спасувачките екипи и тимовите за вонредни состојби се на терен, а на некои места е ангажирана и армијата.

Како што пренесуваат локалните медиуми, голема штета има во Краљево, каде што се поплавени околу 400 куќи и објекти, оштетени се или целосно уништени 16 мостови, прекинат е сообраќајот на 20 патни правци.

Особено катастрофална е состојбата во местото Сирча, каде што по улиците има угинати животни, а недостигаат и животни намирници.

Во општина Лучани водата се повлекува, а наредните денови ќе биде утврдена штетата во Драгачево, каде што се појави и лизгање на земјиштето.

Според метеоролозите, за една ноќ паднало дожд колку што вообичаено паѓа за еден месец.