Во Одеса започна нов формат на соработка меѓу Украина и земјите од Бенелукс

Во Одеса се одржаа многустрани разговори меѓу министерот за надворешни работи на Украина Андриј Сибиха и неговите колеги – шефот на белгиската дипломатија Максим Прево, министерот за надворешни работи на Луксембург Ксавиер Бетел и генералната директорка за европски прашања во холандското МНР, Хелен Бакер. Средбата ја потврди гувернерот на Одеската област, Олег Кипер, на својата страница на Фејсбук.
Постетата започна со церемонија за оддавање почит на загинатите украински војници. Дипломатите беа запознаени со последиците од руските напади врз пристаништето во Одеса и посетија разурнат енергетски објект.
Како резултат на средбата, беше лансиран нов формат на соработка меѓу Украина и земјите од Бенелукс, кој, според Кипер, ќе стане симбол на европското единство и уште една важна фаза во продлабочувањето на партнерството. Тој им се заблагодари на Белгија, Холандија и Луксембург за нивната политичка, хуманитарна и воена помош, како и за поддршката за украинската интеграција во ЕУ и НАТО.
– Областа Одеса стана платформа за започнување на нов формат на партнерство со Бенелукс, што уште еднаш потврдува дека нашиот регион е клучен за меѓународните партнери и симбол на отпорност и отвореност кон светот, истакна Кипер.
Од украинската администрација за морски пристаништа информираа дека министрите извршиле увид и во зградата на Одескиот морски терминал, оштетен од руски ракетен напад во септември 2023 година.
– Важно е украинските пристаништа да ја чувствуваат поддршката на меѓународните партнери. Посетата на министрите од Белгија, Холандија и Луксембург е јасен сигнал на солидарност. И покрај повеќе од 450 напади врз нашата пристанишна инфраструктура, ние продолжуваме да обезбедуваме украинско жито и други товари за светот. Секој брод што заминува од украинско пристаниште е симбол на нашата отпорност и придонес за глобалната безбедност во снабдувањето со храна, порача директорот на државната администрација на морските пристаништа, Олександер Семирга.