Во обвинението за Хајрулахи пишува и „фрлање од 6. спрат“. Тој демантира
Во поднесеното обвинени пишува неверојатни работи за однесувањето на вишиот обвинител Мустафа Хајрулахи. Обвинет е и обвинителот Јован Цветановски

Обвинителството поднесе обвиние против поранешниот шеф на скопското вишо обвинителство Мустафа Хајрулахи за пет кривични дела, меѓу кои и Малтретирање во службата, но и злоупотреба на службена положба. Истовремено, покренато е обвинение и против вишиот обвинител Јован Цветановски за делото Злоупотреба на службената положба и овластување.
„По целосно спроведена истражна постапка и обезбедени докази, Основното јавно обвинителство Штип поднесе обвинение против едно лице за пет кривични дела – Малтретирање во вршење на службата од член 143, како и кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 1 од Кривичниот законик“, се наведува во соопштението на Обвинителството.
Од таму додаваат дека обвинетиот, во периодот од септември 2023 година до 24.10.2024 година, како службено лице – Виш јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје, во службените простории и при вршење на службата опфатена со чл. 25 ст. 1 од Законот за јавното обвинителство, во текот на работното време, се заканувал и вршел континуирано психичко насилство врз пет вработени жени, со цел да им нанесе душевна болка преку понижувачко постапување.
„Користејќи ја неговата службена хиерархиска надреденост, во повеќе наврати грубо им се заканувал дека има моќ и може веднаш да ги избрка од работа, дека ‘ќе ги дигнел на клоци’, „ќе ги фрлел од 6. Кат’, ‘ќе ги ставел во притвор и под посебни истражни мерки’. Дел ги навредувал дека ‘му го грделе обвинителството’ и им забранувал да комуницираат меѓу себе и со други вработени.
Оштетените, не можејќи да ги поднесат заканите и психичкото насилство со понижувачко постапување од обвинетиот, се обратиле писмено до Јавното обвинителство на РСМ, до Советот на јавните обвинители на РСМ и до Основното јавно обвинителство Скопје, со барање за преземање итни мерки во врска со постапувањето на обвинетиот и за нивна заштита.
Откако обвинетиот дознал за писмената на оштетените, ги повикал насамо, секоја поединечно во неговата канцеларија, каде продолжил со психичкото насилство, принудувајќи ги да напишат писмени изјави дека биле изманипулирани. Притоа, им се заканувал дека ќе им поднесе тужби за клевета со барање за отштета од 100.000 евра, велејќи им дека тој може да влијае на сите судии и адвокати, дека имаат деца на кои треба да мислат и дека ќе ги изгубат работните места. Откако ќе одбиеле да потпишат таква изјава им поведувал дисциплински постапки и ги прераспоредувал на работни места во обвинителството“, се појаснува во соопштението.
Потоа додаваат дека, кога две од оштетените веќе не можеле да го издржат континуираниот притисок и закани, чувствувајќи страв напишале изјави со содржина по негово барање, обвинетиот како службено лице – Виш јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје презел службени дејствија со кои ги пречекорил границите на своите службени овластувања утврдени Законот за јавното обвинителство и Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства, а со намера потешко да им ги повреди правата на оштетените.
„Без одобрение за нивно понатамошно поднесување до институцијата, тој ги заверил личните изјави доставени во неговата канцеларија со приемен печат на ВЈО Скопје, па на 16.10.2024 година, на сите им доставил писмени барања за јавно извинување и јавно повлекување во рок од 48 часа. Иако барањата биле лични и самиот ги поднесувал со цел да направи психички притисок врз оштетените, истите ги завел со Резолуција ‘А’ во Уписникот ‘А’ на ВЈО Скопје, спротивно на Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства.

На 24.10.2024 година, обвинетиот одржал состанок со сите вработени од јавнообвинителската служба, каде што пред сите нив, продолжил со психичкиот притисок кон оштетените, на начин што ги изнесувал наводите од нивното барање, ги исмевал и ги понижувал пред останатите. Потоа, повторно користејќи ја неговата надреденост во службата, побарал од сите вработени кои не биле потписници на писменото барање за преземање на итни мерки, да напишат своерачни изјави во кои ќе го опишат ‘каков е тој како шеф’“, се појаснува во соопштението.
Потоа додаваат дека како резултат на ваквото деградирачко и понижувачко однесување, една од вработените се разболела и добила анксиозно растројство.
Со цел да ја заштити постапката и жртвите, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерки на претпазливост – обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање, како и забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со оштетените.
„Постапувајќи во текот на истражната постапка, јавниот обвинител обезбеди докази и во однос на службеното постапување на наведениот Виш јавен обвинител и на уште еден јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје, согласно кои против нив поднесе Обвинителен предлог со кој ги товари дека како соизвршители сториле продолжено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 1 од Кривичниот законик.
Обвинетите, во временскиот период од јануари 2023 година до август 2024 година, во Вишото јавно обвинителство Скопје, заедно со учество во дејствија на извршување на делото, со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, со тоа што преземале службено дејствие со кое ги пречекориле границите на своите службени овластувања“, се појаснува во соопштението.
Спротивно на Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства, примените писмена кои по отворањето, му биле предавани од страна на овластениот јавнообвинителски службеник за прием, првообвинетиот ги задржувал и барал да не бидат заведени истиот ден или редоследно, туку да бидат заведени неколку дена подоцна и под различен датум од приемниот. Истовремено барал од службениците тие предмети директно „без многу галама“ да бидат доделувани на второобвинетиот.
„Постапувајќи во наведените предмети, обвинетите не ја извршувале својата службена должност согласно чл.7 од Законот за јавното обвинителство, односно функцијата јавен обвинител ја вршеле незаконито, пристрасно и субјективно, со непочитување и без заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот и правата на другите правни субјекти, надвор од рамките на своите надлежности, а со намера да овозможат друг да се стекне со имотна корист, со што потешко ги повредиле правата на странките во неколку постапки“, се појаснува во соопштението испратено од Обвинителството до медиумите.
Веднаш по објавувањето на соопштението суспендираниот шеф на Вишото јавно обвинителство Мустафа Хајрулахи, во изјава за МИА ги демантираше наводите во обвинението и обвини дека вишата обвинителка Фатиме Фетаи ги правела конструкциите.
Хајрухали вели дека е чудно што јавната обвинителка Татјана Кацарова не ги прифатила за сведоци вработените во Вишото јавно обвинителство Скопје, кои, како што рече, се од голема важност бидејќи биле присутни на секој одржан состанок, а за сведок била прифатена јавната обвинителка Фатиме Фетаи која сведочела во овој предмет, иако, нагласи, никогаш не присуствувала на ниту еден од состаноците со вработените.
„Најкатегорично ги отфрлам сите наводи од предметното обвинение, во ниту еден случај никого ниту сум малтретирал ниту сум навредувал. Доказ за тоа се изјавите на другите вработени кои што доброволно се пријавија и секој од нив достави име, презиме и адреса, со цел да бидат повикани од страна на јавниот обвинител Татјана Кацарова и истите да ја прикажат реалната состојба во Вишото јавно обвинителство, а не конструкциите направени од обвинителката Фатиме Фетаи и нејзината дружина кои што се наводно оштетени од моја страна. Чудно е како овој јавен обвинител односно Татјана Кацарова не ги прифати како сведоци вработените од Вишото јавно обвинителство Скопје кои што и тоа како се од голема важност, бидејќи истите тие биле присутни при секој одржан состанок од моја страна како виш јавен обвинител со вработените во Вишото јавно обвинителство Скопје, а била прифатена Фатиме Фетаи како сведок и истата сведочела во овој предмет, иако никогаш ама баш никогаш не присуствувала на ниту еден состанок со вработените“, вели Хајрулахи.
Според него, ваквото поднесено обвинение од страна на ОЈО Штип доаѓа откако тој во гостување на поткаст пред неколку дена обзнанил дека МВР има поднесено кривична пријава против двајцата поранешни јавни обвинители од Специјалното јавно обвинителство (СЈО) – Лиле Стефанова и Бурим Рустеми.
„Сакајќи да го пренасочат вниманието и јавноста да не се заинтересира за случувањата во тогашното СЈО, а по однос на предметот ‘Рекет 2’, Јавното обвинителство сега после два месеци излегува со соопштение за поднесеното обвинение, рече Хајрулахи.
Обвинението, додаде, е конструкција на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, којшто, според Хајрулахи, заедно со јавната обвинителка Фатиме Фетаи, петте вработени во Вишото јавно обвинителство и јавниот обвинител Гаврил Бубевски, на овој начин сака да ги заштити обвинетите во предметот во јавноста познат како „Бонусите во СЈО“.
Сличен демант дава и суспендираниот јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, повторно во изјава за МИА. Тој вели дека вели дека ниту бил повикан, ниту бил запознаен дека се води постапка против него во ОЈО Штип и дека денешното обвинение, како што тврди, е само резултат на тоа што во овие неколку дена во јавноста излезе информација „дека постои предмет ‘Рекет 2’ по кој Обвинителство не постапува, а таму обвинители се Бурим Рустеми и Лиле Стефанова од СЈО“.
Според Цветановски, обвинението од соопштението на ОЈО Штип е пресликано од одлуката на дисциплинската Комисија при ЈОРСМ за негова суспензија за сторени тешки поврди во четири предмети, со тоа што е додаден и предметот за бонусите во СЈО.