Во МНР му протестирале на Радуков и го пофалиле ручекот со Радев

Радуков си отишол без да ја земе протестната нота, но пораката му била усно пренесена


Фото: Б. Грданоски

Во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија веќе бил повикан амбасадорот на Република Бугарија, Желјаско Радуков и му била изразена загриженост поради отстапувањето од договорениот протокол за фотографирањето на двајцата претседатели и  дополнително било побарано објаснување од бугарската страна. Протестната нота што сакале да му ја врачат – амбасадорот  не ја зел.

„Во разговорот со бугарскиот амбасадор беше потенцирано дека средбата и заедничкиот ручек на двајцата претседатели поминале во пријателска атмосфера. Дополнително, на амбасадорот Радуков му беше укажано дека Министерството за надворешни работи и надворешна трговија е непријатно изненадено од последната изјава на амбасадорот Ангел Димитров, претседавач на бугарскиот дел од Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, дадена во емисијата „Офанзива со Љубомир Огњанов“ на НОВА Вести. Изјавата во основа го нарушува начелото дека претседавачот на експертската комисија не треба да дава политички изјави за Владата на соседна држава, која е легитимно избрана. Сметаме дека оваа изјава е несоодветна и непримерна“, порачаа од МНР со соопштението.

На  амбасадорот Радуков, исто така, му било пренесено дека Република Северна Македонија и понатаму останува посветена на позитивен развој, унапредување и зајакнување на билатералните односи и соработката во сите области од заемен интерес за двете држави и нивните народи, за што била потврдена подготвеност и од другата страна. Практично, во стилот на премиерот Христијан Мицкоски, и протестирале и покажале добра волја, т.е. покажале кичма и ќе продолжат со соработката.