Во Македонија сѐ уште „живеат“ Неврзaните и Југославија, граѓаните сѐ помалку им веруваат на соседите
Србија и натаму е најголем пријател на Македонија, а сепак расте поддршката за ЕУ, а паѓа за Отворен Балкан, покажува анкетата на Преспа институтот.
Без оглед на случувањата во Србија, граѓаните во нашата држава и натаму ја гледаат оваа држава како најголем пријател на Македонија. На анкетата спроведена од Институтот „Преспа“ од 23 ноември до 11 декември годинава, дури 38,2 отсто од граѓаните ја посочиле Србија како најголем пријател, пред ЕУ која има само 11,1 отсто и САД со 7, 7 отсто, додека за Русија се определиле само 2 отсто од испитаните.

Генерално, Македонците стануваат скептични кон пријателствата бидејќи само пред една година поддршката за Србија, ЕУ и САД била поголема од оваа што е искажана сега.
Анкетата не содржи прашање за тоа кој е најголем непријател на Македонија, така што ставот за Бугарија може само да се види низ оценката за добрососедските односи од која произлегува дека Бугарија од 83,8 отсто поддршка во 2022 година – се лизнала дури на 10,8 отсто, но сепак за 0,1 отсто стои подобро пред Грција.
Истото прашање покажува дека и Србија ја губи довербата кај граѓаните во Македонија иако е на прво место, бидејќи и таа паднала од 90,8 отсто поддршка во 2022 година на 67,6 отсто на крајот на оваа година, а сличен тренд има и кај Албанија и Косово, што сугерира дека Македонците се разочарани од соседството. Гледано од аспект на етничката припадност, сликата е поинаква, па така наспроти Македонците кои ја избираат најпрво Србија, Албанците повеќе се свртени кон САД и ЕУ, па НАТО, Германија и на крајот – Албанија.
Партиски гледано, две третини и од тие што наклонуваат кон ВМРО-ДПМНЕ ја гледаат Србија како најголем пријател на Македонија, а само 45,5 отсто од СДСМ, додека петпати поголем процент од приврзаниците на СДСМ се за ЕУ, наспроти тие на главната опозициска партија. Практично, кај наклонетите на ВМРО-ДПМНЕ Русија се гледа како поголем пријател од ЕУ, иако за незначителен 0,1 процент.
На прашањето кој има најголем придонес за демократскиот развој на Македонија најголем дел од граѓаните се изјасниле за ЕУ (20,2 отсто) и за САД (12,7 отсто), но значително помалку од претходните мерења и, како парадокс – сега 18,1 отсто од нив (наспроти 14,7 на претходното мерење во мај) сметаат дека и Србија има придонес за демократскиот развој на нашата држава.
Кој пак има најголем економски придонес, е прашање околу кое 26,89 отсто ја препознале ЕУ, 13,1 отсто Германија, 11,8 отсто САД, а многу мал број од нив ги гледаат во таа улога Русија, Кина и се помалку Турција.

На главното прашање во моментов, дали би гласале за уставните измени за внесување на Бугарите и другите заедници во него, 23,2 отсто рекле „да“ за сите заедници, 39 отсто „да“, но не за сите, а дури 6 отсто повеќе во споредба со мај годинава рекле дека се против да се внесат во него Бугарите, што сугерира дека расте отпорот за изгласување на промените. Од анкетата се гледа дека Преспанскиот договор е поприфатлив од билатералниот договор со Бугарија, но генерално расте процентот на граѓани кои не ги поддржуваат ниту едниот ниту другиот.
Наспроти ваквиот став, има значајно зголемување на процентот на граѓаните што сметаат дека ЕУ е најдобрата алтернатива за државата – односно од 61,2 отсто во мај годинава на 70,6 отсто сега.

Притоа, дури 90,6 отсто од приврзаниците на СДСМ се изјасниле така, а 53, 4 отсто од ВМРО-ДПМНЕ, при што најсилна поддршка за ЕУ има кај албанските опозициски партии, а кај Демократското движење и Алтернатива таа е дури 100 отсто! Куриозитет е исто така дека 58,5 отсто од наклонетите кон Левица се за ЕУ, иако оваа партија важи како антизападна и анти-НАТО.
За друга алтернатива се изјасниле сепак 24, 1 отсто од граѓаните што пак натаму резултира со куриозитетни наоди. Најмногу граѓани алтернативната иднина ја гледаат во БРИКС (30,3 отсто), па во Неврзаните, Евро-азиската унија , во иницијативата на Кина „Еден појас, еден пат“, во Отворен Балкан, во Југославија, а најмалку во Русија (1,1 отсто).

Гледано по партии, дури 39,8 отсто од наклонетите на ВМРО-ДПМНЕ се за друга алтернатива, а најголем дел од нив тоа исто така го гледаат во БРИКС (30,3 отсто), во Евро-азиската унија, а дури 29,9 отсто во – Неврзаните! И што е уште поинтересно 1,9 отсто од нив гледаат иднина во Југославија (иако не постои), а само 2,9 во Русија. Главната причина пак што се бара алтернатива на ЕУ е оценката дека со членството повеќе ќе изгубиме отколку што ќе добиеме, дека ќе ни го сменат идентитетот и јазикот и дури 32, 1 отсто оцениле – дека имаме различни вредности со неа. (С.Ј.)

