Во Либан нов бран експлозии преку рачни радио станици, повредени повеќе од сто лица


 Еден ден откако илјадници членови на Хезболах беа ранети, а некои убиени, во Либан се пријавени неколку експлозии преку рачни радио станици, во кои се повредени повеќе од сто лица.

Либанските медиуми објавија нов бран експлозии низ целата земја денеска напладне, објави Јерусалим пост.

Првите извештаи за експлозии на мрежни уреди дојдоа од Бејрут, долината Бека и јужен Либан.

Доколку извештаите се вистинити, ова ќе биде втор последователен ден на потенцијални саботажи и експлозии во Либан, откако околу 3.000, главно членови на Хезболах, беа ранети во вторникот од експлозии на пејџери, наведува Јерусалим пост.

Според извештаите, експлозиите се случиле паралелно со погребот на четворица членови на Хезболах во Либан. Погребот беше пренесуван во живо на платформата Х, но преносот ненадејно беше прекинат.

Според непотврдени извештаи, Хезболах ги советувал своите оперативци да се дистанцираат од комуникациските уреди.

Британски медиуми, пак, цитираат висок функционер на Хезболах, Хашем Сафиедин, кој вели дека терористичката група влегла во „нова фаза“ и дека „казната сигурно доаѓа“.

Според безбедносен извор, рачните радио станици користени преку кои се случиле експлозиите биле купени пред пет месеци, во исто време со пејџерите.